Фото: „Нова Македонија“

КОШАРКА – НБА

Рондо се пензионира

Еден од најдобрите бекови во НБА-лигата, Ражон Рондо (38), по 16 сезони во најсилната кошаркарска лига во светот, се одлучи да стави крај на својата играчка кариера и да замине во пензија. Рондо ја завршува НБА-кариерата со две шампионски титули освоени со Бостон и со Лос Анџелес лејкерс. Може да се пофали со четири настапи на олстар-натпреварите, четири пати беше избран во најдобриот дефанзивен состав на сезоната, а трипати беше прогласен за најдобар асистент на првенството. Во 2006 година Рондо беше 21. избор на драфтот, а во кариерата настапи за девет екипи во НБА-лигата, а најмногу, девет сезони, играше за Бостон. Г.И.


ФОРМУЛА 1
Фетел размислувал за враќање, но тоа не му е „приоритет број еден“

Четирикратниот светски шампион во Формула 1, Себастијан Фетел, вели дека размислувал за враќање од пензија, но тоа не му е „приоритет број еден“, пишува „Би-би-си“.
Германецот Фетел (36), кој освојуваше последователни титули во Формула 1 помеѓу 2010 и 2013 година, се пензионира од овој спорт во 2022 година.
– Имам мисли што ми поминуваат низ умот и размислувам за враќање. Но, во оваа фаза, мојот начин на размислување генерално не е променет, така што навистина зависи од тоа што доаѓа – изјави Фетел за „Би-би-си“. Н.М.


Македонските репрезентативци ќе спарингуваат со претставници на Хрватска, Србија, Шпанија, Црна Гора, но најавено е дека ќе се приклучат и боксери од други држави

ВО ПРЕСРЕТ НА ЕП 2024 ВО СРБИЈА
Македонските боксери на подготовки во Белград пред настапот на ЕП

Ален Рустемовски (тежинска категорија до 57 кг), Дион Лена (до 63,5 кг), Алим Насуфи (до 67 кг) и Арјан Исени (до 80 кг) се македонските претставници што ќе настапат на Европското првенство (ЕП) за сениори, од 18 до 28 април во главниот град на Србија, Белград.
За што подобро да се подготват пред да се појават на рингот, тие отпатуваа на заеднички подготовки во Белград, во познатиот спортски центар „Кошутњак“. За настап на годинашното Европско првенство во бокс се пријавени 401 учесник од 33 држави, од кои 263 во машка и 138 во женска конкуренција.
Македонските репрезентативци во Белград ќе спарингуваат со претставници на Хрватска, Србија, Шпанија, Црна Гора, но најавено е дека ќе се приклучат и боксери од други држави. Г.И.