Фото: „Нова Македонија“

КОШАРКА
Кари влезе во историјата на НБА

Стивен Кари од Голден стејт влезе во историјата на кошаркарската НБА-лига на дуелот со Лос Анџелес клиперс за погодени тројки, што го оствари веќе во третата четвртина од дуелот. Двократниот најкорисен кошаркар (МВП) во НБА-лигата стана првиот играч што погодил седум или повеќе тројки во четири последователни натпревари во НБА-лигата, пишува НБА на својата интернет-страница. Тој сега има 36 погодени тројки во претходните четири натпревари. На дуелот со Лос Анџелес клиперс, Кари имаше девет тројки од 19 шута за три поени на патот до вкупно 41 поен, најмногу на натпреварот што Голден стејт го загуби со 130-125.
Кари сезонава има просек од 28 поени, 4,9 асистенции и 42,1 отсто во удари за три поени. Неговиот максимум во кариерата е 13 тројки во 2016 година. Пред нешто повеќе од три години (во декември 2021 година), Кари го надмина Реј Ален како лидер на сите времиња за погодни удари за три поени, со 2.974, а тој во моментов има погодено 3.640 тројки во својата кариера, пишува НБА. Н.М.


ФУДБАЛ – РАНГ-ЛИСТА ЗА ФЕВРУАРИ

Македонија на 68-то, Ерменија на 94-то, Ф. Острови на 135-то,
Летонија на 136-то место

По фудбалските првенства на Африка и на Азија, шест репрезентации се искачија за десет или повеќе места, пишува Светската фудбалска федерација (ФИФА) за февруарската ранг-листа, на која Македонија падна за три места и сега е на 68-то и нема промени во пласманот на првите десет селекции.
Новиот првак на Африка, Брегот на Слоновата Коска, сега е на 39-то место, што е напредок за 10 места во однос на претходната ранг-листа, финалистот Нигерија е на 28-та позиција, напредок од 14 места, а Ангола, која настапи во четврт-финалето, напредуваше најмногу на февруарската листа, за 24 позиции, и сега е на 93-то место. Двократниот шампион на Азија, селекцијата на Катар е на 37-то место, напредок од 21 позиција, финалистот Јордан е на 70-то место, со 17 места подобар пласман отколку на претходната листа, а Тајланд, кој играше во осминафиналето, е 101., со напредок од 12 места, пишува ФИФА.
На ранг-листата води светскиот првак Аргентина, а потоа следуваат Франција, Англија, Белгија, Бразил, Холандија, Португалија, Шпанија, Италија, Хрватска… Од репрезентациите со кои Македонија ќе игра во Лигата на нациите, Ерменија е на 94-та позиција (едно место пониско од претходното рангирање), Фарските Острови се на 135-та (без промена), а Летонија е на 136-та (едно место погоре).
Следната ранг-листа на ФИФА ќе биде објавена на 4 април, а дотогаш Македонија треба да одигра два пријателски меча во Анталија (Турција) со Молдавија и со Црна Гора. Н.М.


ФУДБАЛ

Мбапе постигна девет гола во претходните 10 нокаут-меча во ЛШ

По првата недела од првите осминафинални натпревари сезонава во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ), до пласман понатаму меѓу осумте најдобри екипи се доближија Манчестер сити, Реал Мадрид, Пари сен Жермен и Лацио. Тие четири тима забележаа победи на дуелите со Копенхаген (на гости со 3-1), Лајпциг (на гости со 1-0), Сосиедад (дома, 2-0), односно со Баерн (дома, 1-0).
Во победата на Пари сен Жермен со 2-0 на натпреварот со Сосиедад еднаш во листата на стрелците се запиша Килијан Мбапе, кој со тоа сега постигна девет гола во претходните десет настапи во нокаут-фазата од Лигата на шампионите, пишува Европската фудбалска унија (УЕФА) на својата интернет-страница.
Идната недела се и мечевите Интер – Атлетико Мадрид, ПСВ Ајндховен – Борусија Дортмунд (двата дуела во вторник), Порто – Арсенал и Наполи – Барселона (в среда). Реваншите се од 5 до 13 март. Н.М.