ТУРНИР ВО КАТАР

Карлесн загуби од шахист со 327 поени послаб рејтинг

Шахистот со највисок рејтинг во светот, Норвежанецот Магнус Карлсен (рејтинг 2.839), призна дека бил „целосно скршен“ од 23-годишниот Казахстанец Алишер Сулејменов (2.512), по неочекуваниот пораз во второто коло на мастерс-турнирот во Катар, од шахист со 327 поени послаб рејтинг.
– Пред натпреварот искрено сонував за реми – рече Сулејменов по победата против петкратниот светски првак во класичен шах, пренесе интернет-страницата „Чес“.
Карлсен се огласи на социјалните мрежи и рече дека неговиот противник „одиграл неверојатна партија и заслужено победил“. На турнирот (се играат девет кола) се пријавени вкупно 252 шахисти, а осуммина се со рејтинг над 2.700 поени (Карлсен, Хикару Накамура, Аниш Гири, Гукеш, Нодирбек Абдусаторов, Арјун Еригаиси, Пархам Магсудлу и Јорден Ван Форест). Г.И.


ФУДБАЛ – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП 2026
Венецуела ремизира со Бразил и игра за прв пласман на СП

Доцна драма изобилуваше во возбудливата ноќ на квалификациите во Јужна Америка за пласман на Светското првенство (СП) во 2026 година, во која на четири од петте меча голови беа постигнувани по 85. минута, пишува Светската фудбалска федерација (ФИФА). Спектакуларниот гол со глава на Едуард Бело ѝ обезбеди на Венецуела реми 1-1 на гостувањето кај Бразил. Венецуела сега има историска можност да стигне до првото светско првенство, па откако импресионира во воведните два натпревара од квалификациите додаде уште еден бод, за прекин и на серијата од 15 победи на Бразил во квалификациите. Од Јужна Америка на СП 2026 ќе се пласираат првите шест селекции, а седмата ќе игра во интерконтиненталниот плејоф.
Откако Бразил не ги освои трите бода, Аргентина го презеде првото место по тесната домашна победа над Парагвај. Чиле и Еквадор исто така обезбедија витални победи, а Колумбија и Уругвај ремизираа 2-2 во трилер-меч.
Резултати, 3. коло: Колумбија – Уругвај 2-2, Боливија – Еквадор 1-2, Аргентина – Парагвај 1-0, Чиле – Перу 2-0, Бразил – Венецуела 1-1. Табела: Аргентина 9, Бразил 7, Колумбија 5, Уругвај 4, Чиле 4, Венецуела 4, Еквадор 3, Парагвај 1, Перу 1, Боливија 0. Идно коло: Венецуела – Чиле, Парагвај – Боливија, Еквадор – Колумбија, Уругвај – Бразил, Перу – Аргентина. Н.М.