Фото: ЕПА

АТЛЕТИКА

Олимпискиот првак Стона ќе се обиде да влезе во НФЛ

Јамајчанецот Роже Стона, кој го освои златниот медал во фрлање диск на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Париз годинава, го насочува својот поглед кон нов предизвик, лигата на САД во американски фудбал (НФЛ). Тој ќе се испроба преку програмата за меѓународна патека за играчи, според ЕСПН, пренесе Интернационалниот олимписки комитет (ИОК).
Иако Стона е најпознат по своите достигнувања во атлетиката, тој не е сосема нов во американскиот фудбал. Претходно годинава Стона учествуваше на професионалниот ден на фудбалот во Арканзас и присуствуваше на мини-кампови и со Њу Орлеанс и со Грин беј, пишува Интернационалниот олимписки комитет. Н.М.


ФУДБАЛ

ФИФПРО ги избра најдобрите тимови за годинава

Во годинашниот тим на годината во избор на Светскиот синдикат на фудбалери (ФИФПРО) се наоѓаат шест фудбалери од рекордниот петнаесеткратен освојувач на Лигата на шампионите (ЛШ), шпанскиот Реал Мадрид, четворица од првакот на англиската Премиер-лига, Манчестер сити, и фудбалерот од одбраната на англискиот Ливерпул, Вирџил ван Дајк, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП).
Едерсон од Манчестер сити е на голот на тимот на годината, а двојката од Реал Мадрид, Дани Карвахал (Шпанија) и Антонио Ридигер (Германија) заедно со Ван Дајк (Холандија) се во одбраната. Во средниот ред се Џуд Белингем (Англија) и Тони Крос (Германија) од Реал Мадрид, како и Кевин де Брујне (Белгија) и добитникот на „златната топка“ Родри (Шпанија) од Манчестер сити. Во нападот се Ерлинг Холанд (Норвешка) од Манчестер сити, Килијан Мбапе (Франција) и Винисиус Жуниор (Бразил) од Реал Мадрид.
ФИФПРО избира најдобри тимови од 2005 година за фудбалери, а од 2015 година за фудбалерки. Тоа е единствената глобална фудбалска награда за која одлучуваат исклучиво играчите, пишува АП. За најдобрите 11 годинава гласаа 28.000 професионални фудбалери од 70 земји, пишува ФИФПРО.
Луси Бронз, порано во Барселона, сега фудбалерка на Челси, израмни рекорд на Венди Ренар од Франција, откако седми пат е избрана во најдобриот тим на годината. Во најдобрите 11 за годинава во изборот на ФИФПРО се голманката Мери Ерпс (Манчестер јунајтед/Пари сен Жермен, Англија), одбранбените фудбалерки Бронз (Барселона/Челси, Англија), Олга Кармона (Реал Мадрид, Шпанија) и Алекс Гринвуд (Манчестер сити, Англија), потоа фудбалерките од средниот ред Аитана Бонмати (Барселона, Шпанија), Алексија Путелас (Барселона, Шпанија) и Кира Волш (Барселона, Англија), како и напаѓачките Барбра Банда (Шангај Шенгли/Орландо прајд, Замбија), Линда Каиседо (Реал Мадрид, Колумбија), Лорен Џејмс (Челси, Англија) и Марта (Орландо прајд, Бразил). Н.М.


ФУДБАЛ – БРАЗИЛ

Двојна круна за Ботафого

Шампионот на Јужна Америка, Ботафого, имаше уште една голема причина за прослава, бидејќи го победи Сао Пауло со 2-1 и ја освои својата прва титула во бразилската лига од 1995 година, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“. Ботафого ја освои титулата третпат, освојувајќи 79 бода, шест повеќе од вицешампионот Палмеирас. Ботафого неодамна го победи Атлетико Минеиро од Бразил во финалето на Копа либертадорес во Буенос Аирес (Аргентина) со 3-1 и ја освои својата прва јужноамериканска круна, а тоа му донесе место на Ботафого и на клупското Светско првенство. Н.М.