БАЛКАНСКО ПРВЕНСТВО
Четири бронзи за македонските боксери

Македонските боксери освоија четири бронзени медали на Балканското првенство (БП), кое се одржува во бугарскиот град Албена. Медалите ги освоија Ален Рустемовски (во тежинската категорија до 57 кг), Дион Лена (до 63,5 кг), Илхан Озмен (до 67 кг) и Арјан Исени (до 80 кг). Во полуфиналето, Рустемовски загуби од Украинецот Аидер Абдураимов, Лена од Бугаринот Красимир Атанасов, Озмен од Молдавецот Владислав Гуџи, а Исени од Бугаринот Кристијан Николов. Г.И.


ТЕНИС
Ѓорческа ја освои 60-та титула во кариерата

Македонската тенисерка Лина Ѓорческа ја освои 13-та титула во поединечна, а вкупно 60-та во кариерата, според податоците на Интернационалната тениска федерација (ИТФ), откако триумфира на турнирот во Куршумлиска Бања (Србија), кој се играше на земјена подлога за вкупен награден фонд од 40.000 долари.
Ѓорческа, која беше петта носителка на турнирот, победи без загубен сет во четврт-финалето, полуфиналето и во финалето на овој турнир (славеше со 6-3, 6-3 на дуелот за трофејот со Антониа Ружиќ од Хрватска). Ѓорческа има и 47 трофеи од турнири во двојки, од кои два освоени годинава (во Германија и во Хрватска).