Фото: Принтскрин/Индекс

 По оружената пресметка на северот на Косово

Косовскиот премиер Албин Курти денеска соопшти дека косовската полиција потврдила дека „терористичкиот напад“ во Бањска, општина Звечан, бил дел од поширок план за анексија на северот на Косово, јавува Анадолија.

– Врз основа на одземените документи, косовската полиција потврди дека терористичкиот напад бил дел од поширок план за анексија на северот на Косово преку координиран напад на 37 различни позиции. Би следело формирање коридор кон Србија, за да се овозможи снабдување со оружје и војници – напиша Курти на Твитер.

Косовскиот министер за внатрешни работи Џелал Свечља денеска на прес-конференција изјави дека целта на „терористичкиот напад на Србија“ во Бањска е анексија на северот на Косово, пренесоа косовските медиуми.

Според него, подготовките за нападот биле направени во Србија и дека тоа може да се види од беспилотните летала запленети од групата.

Директорoт на канцеларијата за Косово Петар Петковиќ, се обрати по повод настаните во Бањска пред медиумите.

– Курти продолжи со теророт кон српскиот народ. На денот кога Србите ги погребуваа своите најблиски, Курти го уапси Лазар Јаниќијевиќ кој требаше да се прости од школскиот другар Стефан кој беше погребан во Врњачка бања. Теророт продолжува бидејќи нема реакција од меѓународните власти. Бараме само да бидат објективни, неутрални. И пред се, ова е клучното прашање за ЕУЛЕКС. Зошто косовската полиција им забрани на истражителите на ЕУЛЕКС да бидат на лице место – Србија ќе инсистира да се истражи. Зошто се бранеше ЕУЛЕКС? За да не се открие дека во редовите на косовската полиција имало платени убијци со задача да убиваат Срби – истакна Петковиќ

Во нападот на група Срби на 24 септември, предводена од потпретседателот на Српската листа, Милан Радоичиќ, беше убиен косовски полицаец, а потоа косовската полиција во, како што рече, „антитерористичка операција“ ликвидираше четворица напаѓачи и уапси уште шестмина.