Белистојаноски со тренерот Кузмановски / Петар Заборски

На овој престижен турнир настапија вкупно 914 каратисти од 76 држави

КАРАТЕ – СЕРИЈА 1 ВО ЛАРНАКА

Македонските каратисти Матеј Белистојаноски (категорија до 60 кг), член на клубот Олимпик спорт 2007, и Петар Заборски (до 75 кг), член на клубот Макпетрол, постигнаа голем успех освојувајќи бронзени медали на престижната Серија 1 во карате во кипарскиот град Ларнака.
Белистојаноски во борбата за бронзата го совлада со 2-1 италијанскиот претставник Кристијан Сабатино, а претходно имаше четири победи и еден пораз, што е добар предзнак за претстојното Светско првенство (СП, 24-29 октомври) во унгарскиот град Будимпешта.
Со бронза од Ларнака се враќа и Заборски, кој во вчерашниот дуел за бронзениот медал го победи Белгиецот Вилијам Диантете со 3-2, а претходно имаше четири победи (од кои една репасажна) и еден пораз. Заборски неодамна и на Балканското првенство (БП) во Тирана (Албанија) освои бронзен медал.
Вчера, на последниот натпреварувачки ден, се бореше и Стефан Стојановиќ (над 84 кг) од КК Макпетрол, кој ја освои петтата позиција.
На татамите во Ларнака настапија 914 каратисти од 76 држави, а Македонија ја претставуваа вкупно 24. Г.И.