Македонскиот претставник Јаков Добрески го освои 53-то место во слаломот со кој се заокружи Мундијалот, на кој Швајцарија освои најмногу златни медали, три, од кои две Одермат. Австрија првпат по 1987 година не освои златен медал

АЛПСКО СКИЈАЊЕ

Норвежанецот Хенрик Кристоферсен го освои златниот медал во слалом на Светското првенство (СП) во алпско скијање во француските скијачки центри Мерибел и Куршевел, со што се заокружи 47-от скијачки Мундијал. На СП пред две години, Кристоферсен освои бронзен медал.
Тој е петтиот Норвежанец со златен медал во слалом, по Стејн Ериксен (1954 година), Кетил Андре Омод (1993), Том Стиансен (1997) и Себастиан Фос-Солевог (2021). Историско прво сребро и воопшто прв медал на СП во алпско скијање освои Грција, односно Еј Џи Гинис, а бронзата му припадна на Италијанецот Алекс Винацер.
Скијачката велесила Австрија првпат по 1987 година не успеа да освои златен медал во алпските дисциплини на СП, иако освои седум медали, и тоа три сребра и четири бронзи. Македонскиот претставник Јаков Добрески во слаломот го освои 53-то место.
Следното СП на програмата е во 2025 година во Залбах (Австрија). Сезоната во алпско скијање продолжува со Светскиот куп, предвидени се уште 11 трки.
Најуспешна репрезентација на СП 2023 е Швајцарија со освоени три злата (од кои две освои Марко Одермат, во спуст и во велеслалом), две бронзи и едно сребро, пред Норвешка со две злата, три сребра и четири бронзи, трети се САД со по две злата и сребра… Вкупно девет држави се закитија со најмалку по еден медал. Г.И.


НАЈУСПЕШНИ НА СП 2023 РЕПРЕЗЕНТАЦИИ

Швајцарија 3 3 1
Норвешка 2 3 4
САД 2 2 0
Италија 2 1 1
Канада 2 0 2
ПОЕДИНЦИ
Марко Одермат 2 0 0
Федерика Брињоне 1 1 0
Микаела Шифрин 1 1 0
Мариа Терез Твиберг 1 1 0
Алексис Пинтуро 1 0 1
колоните се златни, сребрени и бронзени медали