Покрај овие пет училишта, во план ни е до петок да донираме гарнитури во уште десетина училишта во Скопје, а потоа и во другите македонски градови, како што се Куманово, Крива Паланка, Гостивар и други, вели Ѓорѓи Миновски, претседател на Шаховскиот сојуз на град Скопје

Шаховската федерација на Македонија (ШФМ) ја продолжува поставената визија да го имплементира шахот во што поголем број училишта и да биде достапен за секое дете. За таа цел, претседателот на ШФМ, Саша Богдановиќ, и претседателот на Шаховскиот сојуз на град Скопје, Ѓорѓи Миновски, посетија пет основни училишта во Скопје, од кои три во Општина Аеродром, и по едно во општините Центар и Ѓорче Петров, кои веќе го имаат имплементирано шахот како изборен предмет во своите училишта.
– Во овие пет училишта дониравме шаховски гарнитури, кои ги обезбедивме со финансиски средства од ШФМ и со поддршка од Светската шаховска федерација. Благодарност до вработените во основните училишта „Љубен Лапе“, „Ѓорѓија Пулевски“ и „Браќа Миладиновци“ од Општина Аеродром, кои добија по 40 гарнитури, како и од „Киро Глигоров“ од Општина Центар, 60 гарнитури, и „Мирче Ацев“ од Општина Ѓорче Петров, 40 гарнитури, за нивниот ентузијазам и желба да го имплементираат шахот во нивните училишта. Но ШФМ нема да застане тука, туку ќе посети и други училишта, каде што, исто така, ќе донира шаховски табли и фигури. Очекуваме и во брз временски рок и некои наши познати компании да ни се придружат, односно да ја поддржат оваа иницијатива, односно да донираат шаховски гарнитури во училиштата – велат од ШФМ.

Во август минатата година од Бирото за развој на образованието беше одобрена програмата за шах во училиштата и од септември лани шахот е на листата на изборни предмети во основните училишта во Македонија за децата од прво и од второ одделение. Во текот на изминатиот период, ШФМ беше насочена на изработка на едукативен и маркетиншки материјал, кој се дистрибуираше до основните училишта во Македонија, како и изработка на ТВ-реклами и слично, организирање семинари и обука на над 400 одделенски наставници што ќе го водат предметот Шах.

– Учениците, оние што го сакаат шахот, односно го избраа како изборен предмет, беа многу радосни кога им ги предадовме шаховските гарнитури. При тоа во присуство на своите наставници веднаш и ги испробаа, одигрувајќи неколку партии меѓу себе. Задоволството кај нив беше огромно. Од училиштата, пак, добивме благодарност за дадените шаховски комплети, со надеж дека токму од нивните училишни клупи ќе произлезат идни врвни велемајстори. Покрај овие пет училишта во план ни е до петок да донираме гарнитури во уште десетина училишта во Скопје, а потоа и во другите македонски градови, како што се Куманово, Крива Паланка, Гостивар и други – вели Миновски. Г.И.