Делегатите на Балканската шаховска федерација присутни во Ченаи

На вчерашниот состанок беа присутни и претседателот на ФИДЕ, Дворкович, и претседателот на ЕЦУ, Азмајпарашвили, кои ни дадоа поддршка и рекоа дека ќе најдат начини да ги поддржат активностите што ги планира Балканската шаховска федерација. За годинава се планираат Балканско поединечно првенство за деца во Црна Гора и екипно во Македонија, вели Гакидова, поранешна претседателка на ШФМ, а сега секретарка на ШФМ, која ја претставува Македонија на Конгресот на ФИДЕ

АЛЕКСАНДРА ГАКИДОВА, МАКЕДОНСКА ДЕЛЕГАТКА НА КОНГРЕСОТ НА ФИДЕ ВО ЧЕНАИ

Паралелно со одржувањето на 44. Шаховска олимпијада во Ченаи (Индија), на која настапуваат машката и женската репрезентација на Македонија, се одржува и редовниот Конгрес на Светската шаховска федерација (ФИДЕ), на кој на 7 август ќе се избира претседател на ФИДЕ во следниот четиригодишен мандат.
– Тука, во Ченаи секој ден има состаноци на различните комисии и работни групи во рамките на Конгресот на ФИДЕ. Така, завчера имаше состанок на комисијата што е задолжена да одобрува финансиски средства за помош на шаховските федерации, а вчера се одржа состанок на Комисијата за шах во школите. Сите овие состаноци се од отворен карактер, што значи дека може да присуствуваат сите делегати присутни на конгресот – ни изјави Александра Гакидова, поранешна претседателка на Шаховската федерација на Македонија (ШФМ), а сега секретарка на ШФМ, која ја претставува Македонија на Конгресот на ФИДЕ.
Се донесе ли некоја позначајна одлука што е од интерес за Македонија и за македонскиот шах?

– Со колегите од другите балкански држави поведовме иницијатива и ја возобновивме Балканската шаховска федерација. Веќе е договорен и состанок на кој ќе присуствуваат повеќето делегати од балканските држави. Таа порано е регистрирана со седиште во Анкара, а се одржувале и балкански првенства, но некако сето тоа замрело во 2010 година. На вчерашниот состанок беа присутни и претседателот на ФИДЕ, Аркадиј Дворкович, и претседателот на Европската шаховска унија, Зураб Азмајпарашвили, кои ни дадоа поддршка и рекоа дека ќе најдат начини да ги поддржат активностите што ги планира Балканската шаховска федерација. За годинава се планираат Балканско поединечно првенство за деца во Црна Гора и екипно во Македонија, но уште немаме поконкретни информации како, кога и во кој формат би се одржало, па останува да се договориме деновиве. Претседателот на Шаховската федерација на Албанија, Ералд Дервиши, е избран за претседател на Балканската федерација за период од две години – вели Гакидова.
Каква е атмосферата во Ченаи, каде што шаховската игра е многу популарна, како и во цела Индија?

– Атмосферата тука е одлична. Сите се многу гостопримливи, безбедноста им е на највисоко ниво. Малку е напорно што од хотелот каде што сум сместена до салата за играње шах има еден и пол час возење. Хотелот на репрезентативците е на четириесетина минути возење од мојот хотел, но гледам да поминам барем секои два дена и да се видам со нашите шахисти и шахистки. Ете, во вторникот се собравме малку за да го прославиме македонскиот празник Илинден, а пред некој ден го прославивме и роденденот на шахистката Леа Ефтовска. Освен хотелот и салата за играње, засега немаме ништо друго посебно видено. Планираме за слободниот ден, по шестото коло, да организираме посета на храмот во Махабалипурам – рече Гакидова.
За време на ШО многумина се пожалиле на здравствени проблеми, а на тоа не беа имуни ни македонските селекции.
– Имаше некои помали здравствени проблеми во нашите репрезентации, но ме радува што атмосферата, сепак, е убава, сите одлично функционираат и се дружат заедно. Се надевам дека ќе нѐ израдуваат со подобар резултат до крајот на олимпијадата – изјави Гакидова. Г.И.