Овој потег ќе значи дека без да биде целосно вакциниран, никој нема да може да работи во внатрешниот круг на Ф1, каде што работат тимовите
Формула 1 ќе ги направи вакцините против ковид-19 задолжителни за целиот персонал годинава, вклучувајќи ги возачите, тимовите, медиумите, вработените во угостителството и сите гости што присуствуваат на трките, што ќе значи дека без да биде целосно вакциниран, никој нема да може да работи во внатрешниот круг на Ф1, каде што работат тимовите, а не се очекува вакцинацијата да има влијание врз можноста возачите да се натпреваруваат, оти се смета дека сите се вакцинирани, пишува „Би-би-си“.
Двојната вакцинација беше услов за влез во САД за минатогодишната трка во Остин (Тексас). Планот за вакцинирање на целиот персонал беше договорен минатиот месец, на состанокот на светскиот совет на раководното тело ФИА, но доцнеше со неговото соопштување во јавноста. Портпаролот на Ф1, кој ја води комерцијалната страна на спортот, вклучувајќи го и одлучувањето за календарот, вели дека „Ф1 ќе бара од целиот патувачки персонал да биде целосно повикан за вакцинација и дека нема да бара исклучоци“, пренесува „Би-би-си“.
Овој потег доаѓа во време кога Ф1 се подготвува да почне со она што се надева дека ќе биде рекордна натпреварувачка сезона со 23 трки. Ф1 беше првиот голем меѓународен спорт што повторно се активира во летото во 2020 година, по прогласувањето на пандемијата, и успешно организира две сезони, со вкупно 39 трки, како резултат на строгите ограничувања насочени кон минимизирање на можноста за ширење на ковид-19. Од почетокот на пандемијата, четворица возачи мораа да пропуштат трки како резултат на позитивен тест на коронавирусот, Серхио Перез, Ленс Строл и Луис Хамилтон во 2020 година и Кими Раиконен лани. Шарл Леклерк, Ландо Норис, Пјер Гасли и Никита Мазепин, исто така, беа позитивни на коронавирусот, но надвор од натпреварите, пишува „Би-би-си“.