Руското знаме беше истакнато на мечот помеѓу Ракимова и Баиндл/Фото: Принтскрин

Организаторите на Австралија опен воведоа забрана за истакнување руски и белоруски државни знамиња на трибините за време на натпреварите на првиот годинешен тениски гранслем-турнир во Мелбурн.

Одлуката доаѓа откако на натпреварот меѓу руската тенисерка Камила Ракимова и Катерина Баиндл од Украина на трибините беше истакнато знамето на Русија по што уследи протест од украинскиот амбасадор во Австралија, Васил Мирошниченко.

– Нашата почетна политика беше навивачите да смеат да внесат знамиња, но не можат да го користат за нарушување на текот на натпреварувањето – соопшти по повод забраната Тениската федерација на Австралија.

Руските и белоруските тенисери можат да настапуваат на турнирите во Австралија како „неутрални“ спортисти, што подразбира дека нивната националност не е наведена во официјалните записници, а знамињата на нивните држави не се прикажани ниту на телевизиската графика.