Здружението „Шаховски клуб на ветерани Скопје 72“, во соработка со Спортската федерација на слепи и слабовидни лица, а по повод 50 години од Шаховската олимпијада во Скопје во 1972 година, организира Прво шаховско првенство на Скопје за ветерани (седум кола, швајцарски систем), од денеска од 17.30 часот во просториите на Сојузот на слепи и слабовидни лица.

На првенството ќе учествуваат 20 шаховски ветерани со наполнети 60 години, од кои тројца ФИДЕ-мајстори (ФМ), Александар Кралевски (2.089 рејтинг-поени), Љубомир Илиќ (2018) и Љубомир Хаџи-Манев (1.948), а прворангиран е Душан Бранковиќ (2.111).

Наградниот фонд изнесува 31.000 денари, поделен на пет награди, а победникот ќе добие 10.000. Високостручна комисија ќе прогласи најкреативна партија, која ќе биде наградена со 2.000 денари, а предвидена е и награда за најдобро пласиран ненаграден ветеран до 65 години. Првопласираните тројца шахисти освен парични награди, ќе добијат и плакети: златна, сребрена и бронзена, а сите учесници дипломи. Г.И.