ШАХ – ВИКЕНДОВ ТУРНИР ЗА ВЕТЕРАНИ
Здружението шаховски клуб на ветерани Скопје 72, во соработка со Националниот сојуз на слепи на Македонија, утре и в недела ќе го одржи четвртиот и последен ветерански турнир на Скопје. Ќе се играат девет кола со темпо од 20 минути плус 15 секунди за секој одигран потег по играч. Отворањето е закажано во 10.45 ч., првото коло е во 11 часот, а истиот ден ќе се одиграат уште четири кола. На првиот турнир победи Саво Спасеновски, на вториот ФМ Александар Кралевски, а на третиот ФМ Љубмир Илиќ.
– Оваа серија турнири само покажува дека шаховските ветерани не мируваат преку цела година. По завршувањето на овој турнир ќе биде прогласен и вкупниот победник за 2023 година. Ќе се бодуваат првопласираните 10 шахисти, а победникот со 15 бода. Ги поканувам сите шаховски ветерани да се пријават на турнирот – вели претседателот на Здружението шаховски клуб на ветерани Скопје 72, Скопје, Илија Стошевски.
Табела по три одиграни турнири: ФМ Љубомир Илиќ 35 бода, ФМ Александар Кралевски 33, Илија Стошевски 25, Саво Спасеновски 14, ФМ Љубомир Хаџи-Манев 12, Виктор Раниќ 12 итн. Г.И.