Фото: Емил Јовановиќ

ШАХ – ВЕЛЕМАЈСТОРСКИ ТУРНИР ВО НОРВЕШКА

Второто место го освои Мамеѓаров, а трет е поранешниот светски првак Ананд

Актуелниот светски шаховски првак Магнус Карлсен победи на турнирот во Норвешка, кој годинава прослави 10 години од своето постоење. За Норвежанецот ова е четврта победа во низа на негов домашен турнир, а вкупно петта, освојувајќи на крајот 16,5 поени.

На турнирот играа 10 силни шахисти и беше двокружен, а секое коло се состоеше од класичен меч во која победата беше вредна три поени, а поразот не носеше поени. Ако резултатот беше нерешен по стандардната игра, се играше т.н. армагедон-партија за да се добие конечниот резултат. Секој шахист во класичната партија имаше 120 минути за размислување со зголемување од 10 секунди по 40-от потег. Контролата на времето при армагедон беше 10 минути за белиот, а седум за црниот со зголемување од една секунда по одигран потег, почнувајќи од 41-от, но при реми црниот е победник. Нерешено во стандардната партија и победа во армагедон носеа по 1,5 поен, а нерешено во главната игра и пораз во армагедон еден поен.

Светскиот првак ја загуби својата армагедон-партија во 2-то коло од Американецот Весли Со, додека индиската шаховска легенда Вишванатан Ананд почна со две победи во класичните партии и го презеде водството. Карлсен набргу се израмни со Ананд, а лидерите на табелата играа меѓу себе во 5-то коло. По ремито во класичниот меч, Ананд победи во армагедон-дуелот и го врати водството, но во 6-то коло Карлсен го победи Азербејџанецот Шахријар Мамеѓаров во класичен меч и го помина Ананд на табелата, кој, пак, го победи Холанѓанецот Аниш Гири, но само во армагедон-партија.
Многумина не го сметаа Мамеѓаров за главен конкурент за челната позиција во тој момент, но тој го докажа спротивното, постигна две клучни победи во класичните мечеви, над Гири и над Ананд, и влезе во последното коло на турнирот со само половина поен зад Карлсен, кој, пак, освои 1,5 поен против Французинот Максим Вашер-Лeграв, додека Мамеѓаров освои еден поен против Раџабов, откако и двајцата кандидати за првото место ремизираа и во класичната и на армагедон-партијата во последното коло. На тој начин Карлсен (кој имаше црни фигури) заврши со цел поен пред второпласираниот Мамеѓаров, а Ананд (52), кој во поголемиот дел од турнирот беше во трка за првото место, беше трет.