Вкупно 2.000 факли, пет пати помалку отколку за некои претходни изданија на ЛОИ, се произведуваат од рециклиран челик

Организаторите на ЛОИ 2024 го објавија
дизајнот на олимпискиот факел

Факелот што ќе се користи за носење на олимпискиот оган околу Франција и на церемонијата на отворањето на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Париз во 2024 година е елегантен цилиндар од рециклиран челик во сребрена боја, кој е малку заострен на двата краја и се произведува во ограничен број за да се заштедат ресурси, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП).
Организаторите на ЛОИ 2024 вчера го открија дизајнот на факелот на францускиот дизајнер Матје Леанер, дел од неделните активности што го обележуваат одбројувањето до отворањето на Игрите на 26 јули в година, пишува АП.
Организаторите рекоа дека 2.000 факли, пет пати помалку отколку за некои претходни изданија на ЛОИ, се произведуваат од рециклиран челик. Секој тежи 1,5 килограм и е висок 70 сантиметри. Ќе се користи истиот дизајн на факелот и за ЛОИ и за Параолимписките игри (ПОИ).
Откако ќе биде запален во Грција, пламенот ќе биде пренесен со брод до јужниот француски град Марсеј. Штафетата на факелот ќе почне оттаму на 8 мај, со 10.000 носители, кои наизменично ќе го носат факелот до церемонијата на отворање на ЛОИ 2024. Н.М.