Предолга е листата на дадени празни ветувања на меѓународната заедница кон Македонија. Доколку се води некаква статистика или ранг-листа, Македонија несомнено е светски рекордер по добиени лажни ветувања и изневерени очекувања. Затоа уште на почетокот на дебатата за уставни измени вреди да се потсетиме што сѐ ѝ беше ветено на Македонија од страна на европските челници во изминативе години и децении. И да се запрашаме колкави се кредибилитетот и интегритетот на ЕУ денес и колку може да ѝ се верува по една таква историја и хронологија на изневерени очекувања

Хроника на лажните ветувања од Европа и изневерените очекувања на Македонија

Во собраниската комисија за уставни прашања вчера почна и заврши „дебатата“ околу предлогот на Владата за уставни промени. Но притисокот и барањата на меѓународната заедница врз Македонија за уставни измени се почнати и се чувствуваат уште од поодамна, односно уште по прифаќањето на францускиот предлог и преговарачката рамка минатата година. За очекување е во следниот период притисокот врз Македонија да се интензивира, како што беше и пред пет години, со Преспанскиот договор и промената на името на државата. Свежи и болни се сеќавањата на тој период, кога голем број странски политичари дојдоа во Македонија со полни раце убедувања и ветувања да го направиме и тој последен чекор, да го отвориме Уставот, да го смениме името и патот кон ЕУ ќе ни биде отворен. Пет години потоа Македонија е на истото, ако не и уште поголемо, растојание од ЕУ. Вратата на ЕУ за Македонија остана заклучена, и однадвор и однатре. Она што го добивме и сѐ уште го добиваме се само дузина празни и неисполнети ветувања. Затоа уште на почетокот на дебатата за уставни измени вреди да се потсетиме што сѐ ѝ беше ветено на Македонија од страна на европските челници изминативе години и децении. Како потсетник колкупати ЕУ ги погази сопствениот збор и ветувања и колкупати досега ја изигра Македонија.
И да се запрашаме колкави се кредибилитетот и интегритетот на ЕУ денес и колку може да ѝ се верува по една таква историја и хронологија на изневерени очекувања.

ДОЛГА И БОЛНА ХРОНОЛОГИЈА НА ИЗНЕВЕРЕНИ ОЧЕКУВАЊА

Предолга е листата на дадени празни ветувања кон Македонија. Доколку се води некаква статистика или ранг-листа, Македонија несомнено е светски рекордер по добиени лажни ветувања и изневерени очекувања. Да почнеме од пред 15 година, кога во 2008 година лично тогашниот американски претседател Џорџ Буш даде збор и вети дека Македонија ќе биде примена за полноправна членки на НАТО заедно со Хрватска и со Албанија. Но тоа НЕ се случи тогаш. Во НАТО влеговме дури 12 години подоцна, по болните уставни измени и промената на името, со што практично и почна процесот на разградување на идентитетот на државата. Македонија веќе 15 години по ред добива препораки од Европската комисија за почеток на пристапните преговори со Унијата. Што се овие препораки за членство ако не ветување, даден збор, официјални писмени документи. Но и по 15 години нема ништо од овие ветувања и препораки. Македонија и натаму е во чекалницата на ЕУ, со нова долга листа на барања и уцени што треба да ги исполни.
Пред повеќе години ЕУ го испрати во Македонија белгискиот експерт Питер Ванхојт, како своевиден странски олеснувач и медијатор што треба да го олесни политичкиот дијалог внатре во државата. Белгиецот Ванхојт во една пригода излезе пред новинарите со пароли на кои пишуваше „Зборот си е збор“ и „Отчетност“.
– Ако еднаш сме се договориле за нешто, ако сме дале збор, ако сме се договориле за рокови, нема враќање назад. Европските вредности подразбираат и отчетност. Ако сакате да станете членка на ЕУ, ќе мора да ги почитувате овие вредности – порача Ванхојт.
Но каде се ветувањата што ЕУ ги даде кон Македонија, дадениот збор на Брисел и на европските челници? На ова прашање ниту Ванхојт тогаш ниту Брисел денес го немаат одговорот.

ДАДЕНИОТ ЗБОР ОД БРИСЕЛ ПРЕД ПРЕСПАНСКИОТ ДОГОВОР

Во 2018 година Македонија неочекувано стана центар на светот. Тогаш државата ја посетија десетици и десетици високи европски и светски државници, кои не штедеа зборови и ветувања за нашата светла европска иднина. Тоа беше период кога се готвеше Преспанскиот договор, кој предвидуваше отворање на Уставот и промена на името на државата, како и редица други отстапки кон Грција. Во Македонија секојдневно доаѓаа европски политичари, тие што не можеа да дојдат испраќаа видеопораки, конференциски говори, мејлови по социјалните мрежи итн. Со еден збор, Македонија беше бомбардирана од притисоци и ветувања, кои, за жал, се испостави дека се лажни и празни. Тогашниот шеф на германската дипломатијата Хајко Мас и тогашната министерка за одбрана Урсула фон дер Лејен јасно порачаа дека Германија е сериозно заинтересирана за успех, а првиот чекор е успех на референдумот, со кој се предвидуваше промена на името. Дојде лично и тогашната германска канцеларка и највлијателна личност во политиката во тоа време Ангела Меркел да ни вети европска иднина само ако го направиме уште тој последен чекор. Македонија е на историска пресвртница на патот кон ЕУ, порача и канцеларот на Австрија Себастијан Курц, а со видеопорака се обрати и францускиот претседател Емануел Макрон. Во земјава допатуваа и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, и министерот за надворешни работи Жан Аселборн и уште редица други. Сублимирано, поентата од сите нивни пораки беше „сменете го името и отворен ви е патот и кон ЕУ“. Македонија го смени името, но не доби ништо од ветената европска перспектива. Освен нова доза, јад, чемер и длабоко разочарување.

НИКОЈ ВЕЌЕ НЕ ЈА КРИЕ РАЗОЧАРАНОСТА

Дволичната и неконзистентна политика на ЕУ во однос на Македонија веќе никој не ја крие ниту, пак, може да се толерираат безбројните изговори и лаги на европските политичари.
– Македонија е одличен пример за неисполнети ветувања на ЕУ. Нејзината влада се обиде да ги исполни условите на Брисел, само за да се најде изолирана и оставена да се справи со последиците од одлуките на ЕУ. Оваа ослабена перспектива на европската интеграција се заканува да нѐ остави дезинтегрирани повеќе од кога било – порачаа тогаш во заедничка изјава српскиот претседател Александар Вучиќ, премиерот на Албанија, Еди Рама, и тогашниот вицепремиер за европски прашања на Македонија, Никола Димитров.
Балканските лидери и денес не ја кријат својата голема разочараност од односот на ЕУ кон регионот.
И највлијателните светски медиуми остро ја критикуваа оваа дволична и валкана игра на ЕУ.
„Едноставно кажано, ЕУ излажа, а владите и народите во регионот се бесни“ – пишува во анализата на „Вашингтон пост“ насловена „Како ЕУ го предаде Западен Балкан“.
Во текстот се додава и дека ЕУ е на прагот на голема криза вкоренета во некомпетентноста на бриселскиот естаблишмент и дека тоа е приказна за гордоста и предавството, постојаните ветувања и кукавичлак. Разочарувањето од предавството на ЕУ денес е веројатно уште поголемо. Особено во Македонија.

ПРЕДАВСТВОТО НА ЕУ НИЗ ПРИЗМА НА ЕКСПЕРТИТЕ И АНАЛИТИЧАРИТЕ

Европратеничката Ирена Јовева, претставничка на Република Словенија во Европскиот парламент (Движење Свобода-Ренесанса), уште лани на темата „Односите ЕУ – Западен Балкан во светло на новиот пакет за проширување“, повика да престанат лажните ветувања на ЕУ кон земјите од Западен Балкан. Дополнително, според Јовева, неопходно е да се биде еднакво строг дома, во Европската Унија, кон земјите-членки што се оддалечија од владеењето на правото, слободата на медиумите, човековите права и демократските вредности. А меѓу оние што најмногу се оддалечија од европските вредности несомнено е и Бугарија, која сега е нашиот нов кочничар на патот кон ЕУ.
– Европските пароли и наводни системски вредности се само голи зборови, еднаквоста, слободата и братството се само празни зборови останати од револуцијата, кои смешно изгледаат во устата на денешните гласноговорници на Европа. Обединета Европа, со своите наративни и лажни вредности, постојано, со секоја своја постапка, ја покажува својата разединетост и постојано бара и условува некого да стане нешто што не е, или да се откаже од она што е, или да се откаже од она што е негово – тврдат аналитичарите и добри познавачи на европските состојби.
И граѓаните веќе не го кријат својот револт од ваквиот однос кон Македонија, нагласувајќи дека се добива впечаток како ЕУ да се однесува кон нас како да сме мајмуни во зоолошка, во која европските политичари доаѓаат да се сликаат и да ни фрлат понекоја банана. Ова е крајно неевропски, недостоинствен и навредлив однос, кој мора да престане.