Фото: ЕПА
  • Мултинаменскиот објект, кој е домаќин на мечеви од американски фудбал, тенис и на рок-концерти, има густ календар од речиси 60 настани годишно, а е навикнат да работи со тесен распоред. Трансформацијата на стадионот од тенис на Мајами опен во Формула 1 вклучуваше работа деноноќно од крајот на март, а сѐ почна одново од неделата, по трката во Ф1

По трката во Формула 1, стадионот „Хард рок“ во Мајами сега е во трка за подготовка за Светското првенство (СП) во фудбал, кое почнува во јуни. Аргентинскиот великан Лионел Меси беше во тимскиот дел на трката за големата награда на Мајами неодамна, посетувајќи го возачот на Алпин и сонародник Франко Колапинто и газејќи по зелениот статички наелектризиран тепих поставен над игралиштето на стадионот каде што тимовите ги имаа своите шаторски единици за гостопримство, пишува агенцијата „Ројтерс“.
Во рок од неколку часа од завршувањето на трката, фокусот веќе беше на почнување на трансформацијата во нешто попознато за Меси, вистинска трева и играчка површина соодветна за турнирот со 48 репрезентации.
Стадионот со капацитет од 65.000 места во Мајами Гарденс, дом на тимот од НФЛ-лигата Долфинс, ќе биде домаќин на седум од 104-те натпревари на Светското првенство, и тоа четири во групната фаза, како и натпревари од шеснаесеттинафиналето, четврт-финалето и дуелот за третото место на СП 2026. Првиот меч е на 15 јуни, помеѓу Саудиска Арабија и Уругвај. Зелено`ртската Република, Бразил, Шкотска, Колумбија и Португалија исто така ќе играат таму во групната фаза.
Мултинаменскиот објект, кој исто така е домаќин на колеџ-мечеви од американски фудбал, тениски натпревари и рок-концерти, има густ календар од речиси 60 настани со билети годишно, а е навикнат да работи со тесен распоред откако беше домаќин на клупското Светско првенство во фудбал минатата година, пишува „Ројтерс“.
Трансформацијата на стадионот од тенис на Мајами опен во Формула 1, изградбата на привремена инфраструктура и трибини, вклучуваше работа деноноќно од крајот на март, а сѐ почна одново од неделата, по трката во Формула 1.
Сопствениците на стадионот буквално го посеаја семето пред неколку месеци, Долфинс е единствен како професионална американска спортска франшиза по тоа што има сопствена фарма за трева специјално за одгледување трева за нивната арена, пишува „Ројтерс“.
Тревата за Светското првенство, пак, расте во објектот „Локсахачи гроувс“ од 38 хектари, околу 98 км северно од стадионот, и ќе биде транспортирана кон средината на мај. На фармата може да порасне доволно трева во секое време за 20 одделни игралишта, пишува „Ројтерс“.
– Секоја година, во зависност од распоредот на настанот, веројатно пресадуваме од осум до десет пати годишно. Тревата е професионално одгледувана и ги има спецификациите што ги бара НФЛ, но и ФИФА. Ќе ни треба еден ден за да ја отстраниме тревата (од фармата), а потоа ќе има околу тридневен процес за да ја поставиме. Потоа ФИФА ќе се вклучи во тоа и ќе го направи шиењето на теренот што го прави за сите стадиони на Светското првенство – изјави Тод Бојан, виш потпретседател за операции на стадионите на Долфинс, за новинарите пред викендот на Формула 1. Н.М.