Во моментов шахот како предмет е воведен во по четири одделенија во ОУ „Ѓорѓија Пулески“ во општината Аеродром и во ОУ „Киро Глигоров“ во општината Центар во Скопје, велат од ШФМ
ПРОЕКТОТ „ШАХ ВО ОСНОВНИТЕ УЧИЛИШТА“
Три месеци откако Бирото за развој на образование и Министерството за образование и наука ја одобрија наставната програма за шах во основните училишта, по неколку одржани обуки и обучени речиси 200 наставници, изработка на наставните материјали и други подготвителни активности, конечно шахот стигна и до тие за кои најмногу беше наменет со овој проект, а тоа се децата од прво и од второ одделение.
– Во моментов можеме да кажеме дека шахот како предмет е воведен во по четири одделенија во ОУ „Ѓорѓија Пулески“ во општината Аеродром и во ОУ „Киро Глигоров“ во општината Центар во Скопје. Има уште голем број наставници и наставнички што контактираат со нас и имаат желба што поскоро да почнат со обуката. Правиме напори на сите навремено да им одговориме и да им помогнеме во имплементирањето на шахот како предмет во училиштата – информираат од Шаховската федерација на Македонија (ШФМ).
Тимот од ШФМ составен од ентузијасти неуморно работи на овој проект и се надева дека наскоро ќе може да се пофали и со многу поголем број училишта во кои децата ќе може да се запознаат со тајните на шаховската игра.
– Голема благодарност до директорите на основните училишта и до наставниците и наставничките што имаа разбирање за овој наш проект, ги препознаа придобивките за децата од изучување на шахот, ја прифатија идејата и се вклучија во нејзина реализација – истакнуваат од ШФМ. Г.И.