Златков останува во трка за врвот

ШАХ – МЛАДИНСКО ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО

Вкупно 3,5 поени од 11 можни освоија македонските претставници во седмото коло од предвидените девет на Европското првенство (ЕП) во шах за млади во Анталија (Турција). Засега кај момчињата (до 16 год.) Антон Златков (2.107, рејтинг-поени, рангиран 45-ти пред почетокот на ЕП), кој пред ова коло беше петти, ја загуби партијата, но со пет поени остана на високото 11-то место (меѓу 103 шахисти), со 1,5 поен помалку зад водечкиот. Добро котира и репрезентативецот и ФИДЕ-мајстор (ФМ) Емил Ристески (2.371, рангиран 17-ти), кој ремизира и со четири поени е на 27-то место. Кај девојчињата и понатаму со најдобар пласман (иако загуби две партии во низа) е Моника Жежовска (1.654, рангирана 29-та), со 3,5 поени на 32-то место (категорија до 14 год.) меѓу 76 шахистки.
Цел поен во ова коло впишаа Никола Петровски (3,5 поени, 55-то место, категорија до 10 години), Наде Смилевска (два поена, 77., до 12 години) и Инџи Ајрадиноска, (2,5 поени, 65-та, до 16 години). Порази доживеаја Андреј Иванов (два поена, 97., до 12 години), Кристијан Лазовски (1,5 поен, 97., до 14 години), Леонид Петрески (2,5 поени, 67., до 18 години), Ивана Велковска (два поена, 80-та, до 12 години) и Михаела Зрмановска (два поена, 59-та, до 18 години). На ЕП за млади во сите категории се натпреваруваат вкупно 1.001 учесник од 46 држави од кои 17 ИМ, 5 ЖИМ, 71 ФМ, 27 ЖФМ. Г.И.