Никола Николовски

Турнирот ќе се игра во девет кола. Македонскиот репрезентативец Николовски победи на минатогодишниот деветти по ред викенд-турнир, во конкуренција на импозантни 184 учесници

Во организација на Општина Карпош и ШК Гамбит Асеко СЕЕ, на 24 март, во Скопје, ќе се одржи традиционалниот десетти по ред меѓународен шаховски турнир во забрзан шах „Опен Карпош 2024“. Турнирот ќе се рангира во Светската шаховска федерација (ФИДЕ), а ќе се игра по швајцарски систем во девет кола (со темпо од 15 минути плус пет секунди по секој потег).
Членот на Гамбит Асеко СЕЕ и македонски репрезентативец, интернационалниот мајстор (ИМ) Никола Николовски, победи на минатогодишниот деветти по ред викенд-турнир „Опен Карпош 2023“. Во конкуренција на импозантни 184 учесници (седум велемајстори, пет ИМ и 14 ФИДЕ-мајстори) од пет шаховски федерации (Македонија, Србија, Грција, Бугарија и Косово).
Наградниот фонд е 94.000 денари, распределен на 10 дела, од кои победникот ќе добие 20.000, вториот 15.000, третиот 10.000 денари итн. Судија на турнирот е македонскиот интернационалец Сашко Лакински. На турнирот ќе бидат доделени и посебни награди (вкупно 18.000 денари) во висина од 3.000 денари за најдобро пласирана ненаградена шахистка (доколку играат најмалку три), најдобар ненаграден ветеран (над 65 год.), најдобро пласиран шахист без меѓународна титула до 2.100 рејтинг или без рејтинг, најдобар шахист без меѓународна титула со рејтинг до 1.900 или без рејтинг и најдобропласиран ненаграден шахист од Општина Карпош. Г.И.