В НЕДЕЛА, 18. СКОПСКИ МАРАТОН
Трката повторно се враќа на главниот градски плоштад „Македонија“, откако во минатите неколку години, поради пандемијата на ковид-19, стартот и целта беа на платото пред спортскиот центар (СЦ) „Борис Трајковски“, во населбата Карпош 3
Најпознатиот спортски настан во Македонија, Скопскиот маратон, в недела, со почеток во 8 часот, ќе се одржи по 18-ти пат. Трката низ улиците на главниот град на Македонија повторно се враќа на главниот градски плоштад „Македонија“, откако во минатите неколку години, поради пандемијата на ковид-19, стартот и целта беа на платото пред спортскиот центар (СЦ) „Борис Трајковски“, во населбата Карпош 3. Како и досега, ќе се трчаат маратон, полумаратон, штафетен маратон и ревијална трка на 5 км. Пријавени се над 8.500 натпреварувачи од 47 земји, меѓу кои околу 200 ќе трчаат маратон, над 1.000 полумаратон, а другите ќе настапат на рекреативните трки. Меѓу поквалитетните се двајца маратонци и една маратонка од Кенија, а адутот на Македонија ќе биде ланскиот победник и државен рекордер Дарио Ивановски. Најдобрата македонска атлетичарка Адријана Поп Арсова, која лани победи на маратонот, годинава ќе трча полумаратон.
За разлика од минатите години, Скопскиот маратон под мотото „Трчањето ќе ве промени“ нема да биде и Државно првенство на Македонија, оти Атлетската федерација на Македонија (АФМ) не е меѓу организаторите на маратонот.
– Годинава се враќаме на старата, но и малку изменета патека, која е измерена од меѓународен лиценциран мерач и доби А-сертификат од Асоцијацијата на интернационални маратони (АИМС) и од Светската атлетика (СА). Стартот е од центарот на градот, пред Собранието на Македонија, се трча кон населбата Хром, па назад до населбата Јане Сандански, со цел на плоштадот. Пријатно сме изненадени од бројот на пријавени натпреварувачи и се надевам дека наскоро, веќе следната година, ќе стигнеме и до рекордната бројка од околу 12.500 учесници во 2019-та. Очекувам добра трка, на патеката што рамна и доста брза, на сите тркачи им посакувам „лесни нозе“ и соборување на своите најдобри времиња. Можеби ќе има и нов рекорд на патеката. Исто така ги повикувам и граѓаните на Скопје да излезат во што поголем број на улиците за да им дадат поддршка на натпреварувачите, а и да се забавуваат – истакна на средбата со новинарите директорот на маратонот, Кире Синадиновски.
Сојузот на спортови на Скопје, кој е дел од организацискиот тим, годинашниот маратон му го посветува на претседателот Ѓорѓи Кузмановски, основоположникот на Скопскиот маратон и истакнат спортски работник, кој ненадејно почина пред неколку дена. Л.Д.
Јачевска и Цветаноски репрезенти на „Нова Македонија“
Традиционално Редакцијата на „Нова Македонија“ и годинава ќе има свои претставници на Скопскиот маратон. Тоа ќе бидат новинарката Сања Јачевска и ликовно-графичкиот уредник Гоце Цветаноски, кои ќе настапат во полумаратон.
– За мене ова ќе биде седми полумаратон на Скопски и како и секоја година и сега си поставувам нови цели. Се надевам оти ќе истрчам подобро од минатата година (1,56 час) и ќе поставам нов личен рекорд. Подготвена сум и едвај чекам да дојде недела, да ја предизвикаме максималната брзина што постои во нас и да прославиме за сиот труд што го вложивме изминативе месеци во трчање – вели Јачевска.
Цветаноски по 13-ти пат ќе трча на полумаратонската трка.
– Годинава малку посериозно се подготвував и сум во нешто подобра форма од претходните настапи. Благодарен сум што сум дел од ваква манифестација во која можеби има страдање, но тоа е полезно и се трансформира во голема радост, која ја знаат само тие што учествуваат – рече Цветаноски. Л.Д.