Фото: Игор Бансколиев

ПРЕВЕНТИВНА ДИПЛОМАТИЈА НА АМЕРИКАНСКАТА АМБАСАДОРКА ВО НАТО ЗА СТАБИЛНОСТА НА ЗАПАДЕН БАЛКАН

Амбасадорката Џулиен Смит неодамна изрази загриженост за стабилноста на Западен Балкан, имајќи ги предвид сите потенцијални безбедносни закани во регионот, а во светлина на војната во Украина. Американските предупредувања секогаш имаат голема тежина, а дека тоа е така говори и фактот што САД беа првите што изразија загриженост за руските воени вежби во близината на границата со Украина, најавувајќи воен конфликт неколку месеци претходно, без оглед што Москва уверуваше во спротивното, а Европа тогаш спиеше во длабок сон. И најновите американски предупредувања имаат цел да ги обесхрабрат сите деструктивни сили што и натаму сонуваат за некакви промени на границите и за создавање големи држави

Амбасадорката на САД во НАТО, Џулиен Смит, неодамна изрази загриженост за стабилноста на Западен Балкан, имајќи ги предвид сите потенцијални безбедносни закани во регионот, а во светлина на војната во Украина.
Несомнено американската загриженост повеќе е во насока на добронамерно укажување и одвраќање на сите деструктивни сили што сакаат конфликтот од Украина да го прелеат и на Балканот, па предупредувањата имаат и поинаква намена, да испратат силна порака дека САД нема да дозволат создавање нови кризни жаришта во регионот и активно работат на превенирање какви било безбедносни предизвици.

Добронамерни предупредувања за одвраќање од секакви деструктивни намери

Од тие причини предупредувањата и загриженоста на Американците не остануваат само на зборови, туку тоа го демонстрираат и со активности на терен, испраќајќи искусни дипломати во регионот, со единствена цел максимално да придонесат за затворање на сите отворени прашања во овој дел од Балканот и конечно земјите од регионот да се посветат на нивната европска перспектива преку борба со корупцијата, привлекување инвестиции, создавање функционални институции и на крајот, подобрување на животот на нивните граѓани.

Впрочем, дека американските предупредувања никогаш не се само празни зборови говори и фактот дека САД беа првите што изразија загриженост за руските воени вежби во близината на границата со Украина, најавувајќи воен конфликт уште многу порано, без оглед што Москва уверуваше во спротивното, а Европа тогаш спиеше во длабок сон.

Таа аналитичка и прагматична американска политика неодамна најдобро ја демонстрираше американскиот амбасадор во Србија, Кристофер Хил, кој кога повеќето европски дипломати реагираа остро и бараа санкции за Белград поради потпишувањето на Планот за консултации меѓу Србија и Русија, најпрво почека да ја види содржината, за потоа да констатира дека нема ништо спорно и ново во документот потпишан меѓу министрите за надворешни работи на Србија и на Русија.
Тоа е одраз на една умерена дипломатија што се обидува да изнајде решенија што ќе ги задоволат сите, за разлика од Европската Унија, која постапува конфузно, импулсивно и повеќе во насока на дополнително креирање проблеми отколку на нивно решавање.

Токму Европа беше таа што наместо да најде решение за југословенската криза, само дополнително ја разгоре, што на крајот резултира со крвава граѓанска војна, која на крајот американската дипломатија повторно мораше да ја смирува.
Таквиот однос на ЕУ најдобро го почувствува и Македонија, која без оглед што повеќе од 30 години чекаше во европската чекалница за да ги започне пристапните преговори, остана и натаму заглавена поради европската недоследност на сопствените критериуми и начела. Во сета оваа тридецениска голгота, единствен ветер во грбот на земјава беа САД, кои помогнаа и продолжуваат да помагаат Македонија, откако стана членка на НАТО, да стане дел и од ЕУ.

Кои се потенцијалните безбедносни ризици на Балканот

Како што неодамна изјави поранешната германска канцеларка Ангела Меркел дека предупредувањата на рускиот претседател Владимир Путин треба да се сфаќаат сериозно, тогаш уште посериозно треба да се сфаќаат и американските предупредувања за безбедносни ризици на Балканот, но исклучиво во насока да се обесхрабрат сите деструктивни сили што и натаму сонуваат за некакви промени на границите и за создавање големи држави.

Главниот фокус на САД во овој момент се изборите во Босна и Херцеговина, како и тензиите на северот на Косово.
Имено, во БиХ в недела се одржуваат општи избори од чии резултати зависи и курсот по кој ќе се движи оваа држава. Кандидатот за претседател на РС, Милорад Додик, беше еден од ретките странски лидери што во екот на руско-украинската војна се сретна со рускиот претседател Владимир Путин, што на некој начин може да се протолкува како руска поддршка на постојаните заложби на Додик за отцепување на РС од БиХ. Од друга страна, ниту хрватскиот ентитет во оваа балканска држава не е задоволен со својот статус во федерацијата. Во пракса, желбите на Србите и на Хрватите во БиХ ја прават оваа држава целосно нефункционална и потенцијално жариште на нови конфликти. И како по правило, масло на огнот додава и самата ЕУ, која наместо да ја мотивира БиХ и да ѝ додели кандидатски статус и да ја заживее европерспективата, како што го направи тоа за Украина и Молдавија, повторно ги разочара босанските граѓани и ги остави во неизвесност.

Безбедносни ризици носи и статус квото на северот на Косово. Оваа поранешна српска покраина инсистира на меѓусебно признавање со Белград, додека истовремено одбива да се воспостави заедницата на српски општини на северот што беше претходно договорено. Неодамна имаше тензии околу регистарските таблички, а тензичната атмосфера е постојано присутна. И тука ЕУ не дејствува превентивно. Упорно одбива да додели визна либерализација за косовските граѓани, а на терен мисијата на Еулекс не ја исполнува својата цел.

Извесни безбедносни ризици има и во Црна Гора, каде што пред извесно време на тамошната влада предводена од Дритан Абазовиќ ѝ беше изгласана недоверба. Руското влијание во оваа земја и натаму е присутно, а најдобра потврда за тоа се неодамнешните апсења на луѓе што шпионирале во полза на Русија.
Последните месеци се забележливи тензии и вербална војна со зборови и меѓу Грција и Турција, така што и на југот на Балканот зовриваат страстите.
Во Албанија и во Македонија зачестија хакерски напади и не може да се отфрли опасноста од идни сајбер-напади.

Европа е неспособна да решава конфликти

Европа докажа дека не може да решава конфликти, а уште помалку да ги пресретнува и да ги превенира пред тие да ескалираат. Од тие причини, европските иницијативи секогаш се поткрепени со поддршка од САД, кои уживаат далеку поголем кредибилитет меѓу земјите од регионот за разлика од ЕУ, во која сè повеќе граѓани ја губат довербата.

Затоа американската дипломатија од највисок калибар е постојано присутна во земјите од Западен Балкан како еден вид коректор, бидејќи европските бирократи, освен празни флоскули не нудат реално решавање на проблемите. Македонија од Брисел го доби францускиот предлог, кој не само што не овозможи почеток на пристапните преговори на земјава туку уште повеќе го зголеми антагонизмот на македонските граѓани кон истата таа Европа. ЕУ си дозволи нејзината јужна граница да биде загрозена од наплив на мигранти само затоа што не можеше да ѝ каже „не“ на Бугарија, која го опструираше потпишувањето на договорот со Фронтекс само затоа што во него стоело „македонски јазик“.

Сето ова најдобро говори дека Европа без САД не може ништо да реши, без оглед што сите отворени прашања и проблеми се на нејзина територија. Затоа секое предупредување што доаѓа од САД треба да се сфати сериозно и со време да се дејствува превентивно, оти ако останат работите на Европа, тогаш безбедносните ризици стануваат многу повеќе од ризици, стануваат реални закани. Тоа на Балканот повеќе не му е потребно.