Планираме да учествуваат повеќе од 150 шахисти, од кои над 30 велемајстори. Турнирот, всушност, ќе претставува континуитет на некогашниот „Опен Скопје“ од 1980-тите години, но и на силните турнири „Опен Карпош“, вели директорот на турнирот, Ѓорѓи Миновски

ШАХ

Од 21 до 27 октомври годинава, во Скопје треба да се одржи меѓународниот турнир „Опен Скопје 2022“, кој во минатото имаше голема традиција и на кој учествуваа многу реномирани домашни и странски шахисти и шахистки.
Наградниот фонд изнесува 12.500 евра, поделен на 12 награди, а победникот ќе добие 2.800 евра. Предвидени се и повеќе специјални награди, како и почесна награда (750 евра) насловена постхумно според македонскиот шаховски доајен и вреден шаховски работник Круме Митковски, поделена на најдобрите тројца ненаградени слепи играчи или играчи со телесен инвалидитет.

Ќе се играат девет кола со стандардно време на размислување. Во 2020 и во 2021 година се одиграа турнири „Опен Скопје“, но во забрзан и во брз шах. Досега се пријавени 19 шахисти од Македонија, Црна Гора, Романија и од Бугарија, од кои осум велемајстори (ВМ), четворица интернационални мајстори (ИМ) и двајца ФИДЕ-мајстори (ФМ), а прворангиран е македонскиот ВМ Кирил Георгиев (2.538 рејтинг-поени). Секако, до почетокот на турнирот овој број рапидно ќе се зголемува.
– Планираме овој „Опен Скопје“ да биде најсилен досега и на него да учествуваат повеќе од 150 шахисти, од кои над 30 велемајстори. Турнирот, всушност, ќе претставува континуитет на некогашниот „Опен Скопје“ од 1980-тите години, а кој последен пат со стандардно време на размислување, по долга пауза, се одржа во 2019 година, но и на силните турнири „Опен Карпош“, од кој последниот беше во 2018 година – вели директорот на турнирот „Опен Скопје 2022“, Ѓорѓи Миновски.

Г.И.