Во четврт-финалето, Шпанија ја совлада Финска со 100-90, а Германија ја „потопи“ фаворизираната Грција со 107-96

КОШАРКА – ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО

Актуелниот светски првак, репрезентацијата на Шпанија, предводена од селекторот Серхио Скариоло, иако во ослабен состав, сепак по 11-ти пат во низа се пласира во полуфиналето на европските првенства, откако потешко од очекуваното во четврт-финалето ја совлада Финска со 100-90 (19-30, 24-22, 30-15, 27-23) во завршницата на 41. Европско првенство (ЕП), која се игра во Берлин, Германија. За разлика од Шпанците, кои дури 21 пат биле дел од осминафиналето и трипати носители на златниот медал, нивниот ривал Финска, пак, за првпат по 1967 година беше дел од четврт-финалната фаза на едно ЕП.

Решавачко, сепак, се покажа искуството на Шпанија, иако Финците го добија првото полувреме со девет поени предност. Вили Ернангомез беше најефикасен во редовите на Шпанија со 27 поени, неговиот брат Хуан уфрли 15. Кај Финците, повторно доминираше Лаури Марканен со 18 поени и 11 скока.
Вториот полуфиналист е Германија, која со 17 тројки од 31 шут (55 отсто) ја потопи Грција и утре за пласман во финалето ќе ги одмери силите против Шпанија. Германците славеа со 107-96 и за првпат по пауза од 17 години се блиску до освојување медал. Досега традицијата беше на страната на Грција, а Германија последен пат била подобра во 2001 година во осминафиналето на ЕП. Од тогаш Грција славела во финалето на ЕП 2005 година, но и двапати во 2009 година, во групната фаза на Летните олимписки игри (ЛОИ) и на ЕП. Но овој пат пред 14.073 гледачи, ниту феноменалниот Јанис Адетокумпо не помогна, кој по Србинот Никола Јокиќ е втората голема НБА-ѕвезда што го напушти ЕП. Кај Германија, Денис Шредер беше најефикасен со 26 коша, а Даниел Тајс реализира 13 поени и 16 скока, додека кај Грците, вообичаено најпрецизен беше Адетокунпо со 31 кош, осум асистенции и седум скока.

Вчера, според распоредот, беа и вторите четвртфинални дуели, Франција – Италија и Словенија – Полска. Олимпискиот вицепрвак Франција досега има едно злато, две бронзи и шест сребра од ЕП, а на последното заврши на 12-то место. Италија, пак, има две злата и по четири сребра и бронзи, а на последното ЕП беше шеста. Актуелниот европски првак Словенија има само еден медал, додека Полска, која овде претставува пријатно изненадување, досега има освоено едно сребро (1963) и три бронзи (1939, 1965 и 1967), додека на последното ЕП беше разочарувачки 18-та. Победниците од овие два дуела ќе играат меѓу себе за пласман во финалето.

Г.И.