- Изборот на Мицковска е уште една потврда дека македонскиот спорт, преку посветена работа и вистински проекти, може да добие значајна улога и влијание и надвор од границите на нашата држава, информираат од ФУСМ
Уште едно големо признание за македонскиот спорт и потврда дека Македонија има свое место во светските спортски структури. Претседателката на Федерацијата на училиштен спорт на Македонија (ФУСМ), Елена Мицковска, по неодамнешниот избор во Извршниот одбор (ИО), е избрана и за членка на Управниот одбор (УО) на Светската федерација на училиштен спорт (ИСФ), највисокото управувачко тело на оваа организација. На првиот состанок на новиот ИО на ИСФ, во Белград, беше формирана управувачката структура за новиот четиригодишен мандат. Токму на овој состанок беше донесена одлуката Мицковска и Нигериецот Олабиси Џозеф да бидат претставници на ИО во УО на ИСФ. Овој избор има огромно значење за Македонија, бидејќи првпат добива свој претставник во највисоките структури на ИСФ. Тоа е признание за досегашната работа и развојот на училишниот спорт кај нас, но и голема можност Македонија активно да учествува во креирањето на идните политики и проекти за младите спортисти на глобално ниво, велат од ФУСМ.
Со формирањето на УО, ИСФ ја заокружи клучната фаза од воспоставувањето на раководната структура за новиот мандат. Новиот УО на ИСФ го сочинуваат претседателот Жељко Танасковиќ, потпретседателите Антонио Хора Фило, Јусеф Белкасми и Лианшуаи Тенг, претставниците на ИО, Елена Мицковска и Олабиси Џозеф, и генералниот секретар Хаснаех ел Ајуби. Изборот на Мицковска е уште една потврда дека македонскиот спорт, преку посветена работа и вистински проекти, може да добие значајна улога и влијание и надвор од границите на нашата држава, информираат од ФУСМ. Г.И.
































