Марин Чилиќ се пласира во полуфиналето на гранслем-турнирот Ролан Гарос и стана петтиот активен тенисер што се пласирал во полуфиналето на сите четири гранслем-турнири, прв по т.н. „голема четворка“. Чилиќ во четврт-финалето во Париз го победи Андреј Рубљов со 3-2 во сетови (5-7, 6-3, 6-4, 3-6, 7-6). Во полуфинале на сите четири гранслем-турнири (Австралија опен во Мелбурн, Ролан Гарос во Париз, Вимблдон во Лондон и САД опен во Њујорк) претходно играа Роже Федерер, Рафаел Надал, Новак Ѓоковиќ и Енди Мареј, пишува Асоцијацијата на тениските професионалци (АТП) на својата интернет-страница.
Со победата, Чилиќ се искачи на 17-то место на рангирањето на АТП во живо, шест места повисоко од местото од кое го почна турнирот. Чилиќ, поранешен светски рекет број три, победи на САД опен во 2014 година, а играше во финалињата на Вимблдон (во 2017 година) и на Австралија опен (во 2018 година). Во полуфиналето на Ролан Гарос денеска Чилиќ ќе игра со Каспер Руд (осми на листата на АТП), а втората двојка е Александер Зверев – Рафаел Надал.