Фото: Маја Јаневска-Илиева

Ракометарките ги почнаа мини-подготовките, а селекторот Љубомир Савевски не ќе може да смета на неколку стандардни репрезентативки

РАКОМЕT – ЕВРОКУП НА ЕХФ

Женската ракометна репрезентација на Македонија, предводена од селекторот Љубомир Савевски, во понеделникот ги започна подготовките за двата дуела против актуелниот светски и европски првак, селекцијата на Норвешка, во рамките на Еврокупот на Европската ракометна федерација (ЕХФ). За време на неделата на ЕХФ, Македонките првиот натпревар против фаворизираната Норвешка ќе го играат утре во СЦ „Борис Трајковски“ (19.30 ч.), а реваншот е на гостински терен, в недела (16 ч.).
Селекторот Љубомир Савевски и на овие два меча со фаворизираната Норвешка, како и на претходните со Црна Гора и со Словенија, не ќе може да смета на неколку стандардни ракометарки. Така, поради нецелосно санирани повреди, нема да настапат Елена Ѓеорѓиевска, Зорица Десподовска и Савица Мркиќ, а неизвесна е и Марија Штериова. Но без разлика на отсуството на одредени ракометарки, овие средби во ЕХФ-неделата се мошне драгоцени за уигрување на репрезентацијата и проверка на моментната форма пред најзначајниот настан на крајот на годинава, а тоа е Европското првенство (ЕП), кое ќе се одржи во Словенија, Црна Гора и во Македонија.
За Норвешка не треба многу да се говори. Таа е најтрофејна женска ракометна репрезентација и моментно актуелен светски и европски првак. Носител е на четири злата, четири сребра и три бронзи од светските првенства и дури осум злата, три сребра и една бронза од европските првенства. Македонија, пак, досега настапила на пет СП, најдобар пласман е седмото место во Германија (1999), и пет пати на ЕП, најдобар пласман е седмото место во Скопје (2008).
Како што е познато, Македонките ги загубија претходните дуели против селекциите на Црна Гора и на Словенија. Црногорките во Скопје славеа со 21-19, а на свој терен со 31-30. Словенките, пак, победија во Целје со 29-28, а во Скопје беа поубедливи, со 27-20. Норвежанките беа поуспешни и од Црна Гора и од Словенија и имаат максимални осум бода во групата.
Како што е познато, репрезентација на Македонија ќе биде во третиот барабан, кога на 28 април (17 ч.) ќе ги дознае ривалите на ЕП, кое годинава од 4 до 20 ноември ќе се одржи во Словенија (Целје и Љубљана), Црна Гора (Подгорица) и во Македонија (Скопје).


Двојки, 5. коло (четврток)

Словенија – Црна Гора 17.30 ч.
Македонија – Норвешка 19.30 ч.

ТАБЕЛА
Норвешка 4 4 0 0 8
Словенија 4 2 0 2 4
Црна Гора 4 2 0 2 4
Македонија 4 0 0 4 0