Очекувам и на ова Балканско првенство да освоиме медали и во индивидуална и во екипна конкуренција, вели селекторот на Македонија во борби, Александар Кузмановски

КАРАТЕ – ВИКЕНДОВ БАЛКАНСКО ПРВЕНСТВО

Македонската сениорска карате-репрезентација од вчера до недела ќе биде дел од Балканското првенство (БП), кое се одржува во албанскиот град Тирана. Според програмата, вчера требаше да бидат натпреварите во женска конкуренција, денеска во машка, додека утре се екипните настапи во обете конкуренции во борби и во кати. На Балканијада во Тирана, боите на Македонија ги бранат вкупно 39 натпреварувачи во борби и во кати од кои неколку ќе се натпреваруваат и во категоријата ветерани. Репрезентативците ги предводат селекторите Александар Кузмановски (борби) и Стојан Андриевски (кати). На Балканијадата се пријавени 294 натпреварувачи од 11 држави.
– Очекувам и на ова Балканско првенство да освоиме медали и во индивидуална и во екипна конкуренција. Ова натпреварување истовремено ќе ни послужи и како добра увертира за претстојното Светско првенство (СП), кое ќе се одржи од 24-ти до 29-ти следниот месец во Будимпешта, Унгарија – вели селекторот на репрезентацијата во борби, Александар Кузмановски.
На последното БП одржано лани во Белград, Србија, македонската карате-експедиција освои пет поединечни медали и две во екипна конкуренција. Така, со сребро се закити Витомир Трајковски, а со бронзи Петар Заборски, Фахик Весели, Ангела Мојсовска и Јована Георгиева. Златен медал освои машкиот екипен состав на Македонија, додека бронза, женскиот екипен состав, и двата во дисциплината борби. Г.И.