Денес, првото училиште во Подвис се наоѓа во руинирана состојба

Отворањето на македонските училишта на слободните територии, не само што им ја дало можноста на Македонците да ги добијат првите јазични познавања на македонски јазик туку им овозможило и да се запознаат со своето историско минато, со својата татковина, а преку музичкото воспитување да добијат елементарни, но драгоцени информации за богатството на македонскиот фолклор

На десетина километри југозападно од Кичево, во револуционерната област Копачка, се наоѓа селото Подвис, каде што на 23 септември 1943 година, во екот на Втората светска војна, за првпат на слободна територија се слушнал мајчиниот збор во првото училиште на македонски јазик.
За да се отвори и да започне со работа училиште на македонски јазик во текот на Втората светска војна требало да се создадат поволни услови. Имено, за тоа уште во пролетта 1943 година, со формирањето на ЦК на КПМ во Тетово, било одлучено сите воени раководства да преминат на теренот на месноста Лопушник. Одлуката да се премине на овој терен не била случајно донесена. На теренот на Кичево и Кичевско постоеле револуционерни традиции што биле гаранција за оформување база од каде што ќе се раководи Народноослободителната борба.
Како што не случајно планинската месност Лопушник била одбрана за прва командна база на македонските партизани, Кичево – прва слободна територија и првоослободен македонски град, така не случајно е одбрано и селото Подвис, во него да се отвори првото училиште на македонски јазик. Престојот на членовите на ЦК на КПМ во регионот на Западна Македонија и нивните многубројни живи контакти и соработката со активистите и селаните, националните идеали на македонскиот народ, перспективите на НОБ ги осветлувале од нови аспекти, ги правеле поконкретни и уверливо остварливи, како на политички и социјален така и на културен и на училиштен план. Во развојот на оруженото востание, идејата за слободно училиште што ќе работи на македонски јазик добивала сѐ поголема и сѐ поконкретна смисла. Според сеќавањата на Миле Кузмановски од Подвис, на оваа територија, во периодот 1942–1943 г., како илегалци работеле Илија Топалоски–Аврам, Страхил Гигов–Андро, Лазе Угриноски, Борис Алексоски–Карче и други. На нивните состаноци се разговарало за слободата, народната власт, а, меѓу другото, била оживотворена идејата за настава на мајчин македонски јазик.

Падот на фашистичка Италија, првото ослободување на Кичево на 11 септември 1943 г. и воспоставувањето на народната власт придонеле да се создадат елементарни услови за отворање на првите слободни училишта на македонски јазик. Постоењето на релативно голема слободна територија во Западна Македонија, есента 1943 г., овозможило да профункционираат десетина училишта на македонски јазик. Првпат во слобода, со учители одбрани од народната власт, врз содржини од својата национална култура и на свој мајчин јазик, ја започнале својата работа училиштата во Подвис, Издеглавје, Слатино, Оздролени, Ботун, Ново Село, Горно и Долно Средорече со Гркополе, Гари, Осој, како и во градот Дебар. Во оваа низа ќе го додадеме и кичевското село Кнежино, чие организирање на наставата, според сведоштвата, се случило два дена по воспоставувањето на народната власт во Кичево на 14 септември 1943 г.. Но училиштето во Подвис се смета за прво бидејќи е отворено со одлука на Главниот штаб на НОВ и ПОМ, а во Кнежино со одлука на месниот Народноослободителен одбор, за што не постои пишан документ.
При изборот на учителите во првите слободни училишта се поаѓало од неколку критериуми, меѓу кои – преданост на Народноослободителната борба, углед меѓу селаните и учениците, комуникативност, бистрина, трудољубивост, умешност и што повисок степен на образованост. Во селото Подвис, училиштето му било доверено на Василко Ристески-Лазароски (1907–1982), кој пред да ја добие квалификацијата „првиот учител во НОБ“, работел како „воденичар, келнер, бач и што не друго“, но, пред сѐ, бил „писмен и шетан човек“ како што за него пишува Б. Китановски во книгата „Првите македонски училишта во НОБ“, издадена во 1973 година.
Отворањето на македонските училишта на слободните територии, не само што им ја дало можноста на Македонците да ги добијат првите јазични познавања на македонски јазик туку и им овозможило да се запознаат со своето историско минато, со својата татковина, а преку музичкото воспитување да добијат елементарни, но драгоцени информации за богатството на македонскиот фолклор. По предметот Историја на учениците главно им било раскажувано за Илинден и за НОБ, додека по предметот Музичко воспитување се пееле разни македонски револуционерни или народни песни што децата ги прифаќале со големо одушевување.

Во сведоштвата на првиот наставник во Подвис, Василко Ристески-Лазароски, запишани кај Китановски, откриваме повеќе за содржините на наставата: „Децата ги учев во училиштето и работев по програмата што ми беше дадена од организацијата, и тоа: откривање букви за прво одделение, а на другите одделенија најмногу им раскажував за борбата на нашите народи, за нашата организација, нешто малку колку што знаев за нашето минато, а работев и сметање… Како литература го користев и Билтенот на Главниот штаб на НОВ и ПОЈ за Македонија. Постојано ги пеевме борбените песни: ’Еј, што ми е мило ем драго млада партизанка да станам‘, ’Во борба, во борба македонски народе‘, ’А бре, Македонче каде се спремаш‘“. На наставните содржини укажуваат и учениците од првата генерација: „… даскалот Василко ни раскажуваше за потеклото и историјата на Македонија, за борбите чии пукотници се слушаа дури во Подвис, за слободата што беше на прагот“; „Учителот ни читаше извештаи од Билтенот на Главниот штаб, што се состануваше на Лопушник, каде што беше сместена печатницата и Кочо Рацин, кој ги составуваше“.

Споменатите материјали биле пишувани на еден сосема коректен јазик – „на оној јазик што се изградуваше во општењето на македонската интелигенција меѓу двете светски војни“. Нивното користење во наставата на првите училишта претставува уште еден непобитен факт дека македонскиот јазик ја имал улогата на наддијалектен и национален јазик уште пред да стане државен со познатото решение на АСНОМ, донесено на неговото прво заседание. Всушност, за време на Народноослободителната борба, ова прашање не било воопшто дискутабилно. Употребата на македонскиот јазик во училиштата на слободната територија дошла како нешто сосема природно.
Честитајќи го овој голем осумдесетгодишен јубилеј од првите слободни училишта на македонски јазик, на крајот, неодминливо е да се спомене нашата негрижа за славното минато. Денес, првото училиште во Подвис, регистрирано како државно културно наследство уште во 1978 г., се наоѓа во руинирана состојба. И покрај многуте апели во текот на годините, сѐ уште само урнатините меѓу трње и грмушки остануваат да сведочат за местото каде што учителот Василко им соопштил на учениците дека ќе учат на македонски јазик, за камен-темелникот на образованието во слободна Македонија.

Давор Јанкулоски

(Авторот е научен соработник во истражувачки центар за ареална лингвистика „Божидар Видоески“ при МАНУ)