Женската екипа на Македонија

Другите две машки и една женска македонска екипa претрпеа порази во ова коло

ШАХ – СП ЗА ВЕТЕРАНИ ВО СТРУГА, ТРЕТО КОЛO

Дербито во третото коло на Светското првенство (СП) за ветерани во шах над 50 години, кое се игра во Струга во девет кола, помеѓу македонскиот претставник Алкалоид (2.436 рејтинг-поени, рангиран четврти пред СП) и екипата на САД (2.514, рангирана прва), заврши без победник 2-2. ВМ Кирил Георгиев (2.542) ремизира со ВМ Грегори Каиданов (2.549), ВМ Трајко Недев (2.465) го победи ВМ Јан Елвест (2.530), ВМ Влатко Богдановски (2.385) ремизира со ВМ Игор Новиков (2.513), додека ВМ Звонко Станојоски (2.351) загуби од ВМ Алекс Јермолински (2.419).
Другите две македонски екипи во оваа категорија се поразени. Македонија слепи и слабовидни шахисти (1.818, рангирани 20-ти) загуби со 0-4 од екипата на Шкотска (2.122, рангирана 12-та). Жарко Селковски, Зоран Костадиновски, Санде Атанасов и Блаже Атанасовски ги загубија своите партии, додека женската екипа на Македонија (1.373, рангирана 22.) е поразена со 1-3 од машката екипа на Шкотска (1.889, рангирана 19-та). Единствено Лиле Аларова освои цел поен, додека Маре Крстевска, Снежана Брзовска и Хилда Црнеска загубија.
Тежок дуел во ова коло на СП, но во категоријата над 65 години имаше и екипата на Македонија (2.003, рангирана 18-та), која ја сочинуваат членови на ШК на ветерани Скопје 72. По двете победи со посилни екипи, во третото коло тие загубија од првиот фаворит, екипата Германија Ласкер Шахштифунг (2.361). ФМ Александар Кралевски и Миле Трајковски ги загубија своите партии, додека ФМ Љубомир Илиќ и Илија Стошевски освоија по половина поен.
По ова коло, во категоријата над 50 години, води екипата на Исланд со шест бода (10,5 поени по табли), пред Англија 1 со шест (9), трети се САД со пет (9), Алкалоид е четврти со пет (8,5), 20-та е Македонија слепи и слабовидни шахисти со еден (2), а 22-та женската екипа на Македонија без екипни бодови (1,5 поен по табли).
Во категоријата над 65 години, пак, во водство е Германија Ласкер Шахштифунг со шест бода (9 по табли), пред Англија 1 со шест (8,5), додека екипата на Македонија е на 13-то место со четири бода (6). На СП за ветерани над 50 и над 65 години се пријавени вкупно 48 екипи од 26 држави, односно 22 екипи во возрасната категорија над 50 (од кои три женски) и 26 екипи над 65 години (од кои две женски) или вкупно 231 играч. Г.И.