20. МЕДИТЕРАНСКИ ИГРИ „ТАРАНТО 2026“

  • Македонија годинава ќе настапи со околу 130 учесници, информираат од Македонскиот олимписки комитет. „Во пресрет на Игрите, фокусот останува на квалитетните подготовки, посветеноста и поддршката за македонските спортисти, кои со гордост ќе ги бранат боите на државата и ќе ги промовираат олимписките вредности, спортскиот дух и ферплејот на меѓународната спортска сцена“, велат од МОК

Во полн ек се подготовките на македонската делегација за настап на јубилејните 20. Медитерански игри (МИ), во италијанскиот град Таранто, од 21 август до 3 септември. Македонските спортисти ќе бидат дел од едно од најзначајните мултиспортски натпреварувања во регионот, каде што ќе ги одмерат силите со најдобрите спортисти од другите медитерански земји.
Македонија годинава ќе настапи со досега најмногубројната делегација на едни медитерански игри, составена од околу 130 учесници, информираат од Македонскиот олимписки комитет (МОК). Македонските претставници ќе се натпреваруваат во 19 спорта, што е значаен исчекор и уште една потврда за развојот на македонскиот спорт и континуираното присуство на меѓународната спортска сцена, пишува МОК.
Особено е значајно што македонската делегација ќе биде претставена и во четири екипни спорта, и тоа со женската одбојкарска репрезентација, женската ракометна селекција, машката фудбалска репрезентација и со машката селекција во баскет 3х3. Ваквото учество дополнително ги потврдува посветеноста и развојот на македонскиот спорт и претставува силен мотив за сите спортисти што ќе ја претставуваат државата во Таранто.

– Во изминатиот период, спортистите интензивно работат на својата физичка и техничка подготовка, заедно со своите тренери и стручни тимови, со цел да бидат максимално подготвени за настапите што ги очекуваат. Медитеранските игри претставуваат можност за потврда на нивната посветеност, дисциплина и долгогодишна работа, но и за стекнување ново меѓународно искуство и остварување врвни резултати. Во пресрет на Игрите, фокусот останува на квалитетните подготовки, посветеноста и поддршката за македонските спортисти, кои со гордост ќе ги бранат боите на државата и ќе ги промовираат олимписките вредности, спортскиот дух и ферплејот на меѓународната спортска сцена. МOK и во периодот што следува ќе продолжи редовно да ја информира јавноста за подготовките, составот на делегацијата, распоредот на настапите и најважните моменти поврзани со учеството на македонските спортисти на 20. Медитерански игри „Таранто 2026“, преку медиумите и социјалните мрежи, каде што ќе бидат споделувани актуелни информации, фотографии и содржини поврзани со настапите на македонската делегација – велат од МОК. Г.И.