Петнаесетто издание на Интернационалниот детски театарски фестивал „Битолино“
Со претставата „Како се станува цар“ на театарската школа „Бабец“ на 3 август ќе започне петнаесеттото јубилејно издание на Интернационалниот детски театарски фестивал „Битолино“ во Битола. На пет сцени во Центарот за култура и во Народниот театар во Битола годинава ќе учествуваат седум театри од Литванија, Романија, Словенија, Турција, Баскија, Србија и Црна Гора.
– Годинава интересот за учество беше исклучителен – пристигнаа повеќе од 70 пријави од театри од над 30 земји низ светот. Од нив, селектиравме разновидна и висококвалитетна театарска продукција од седум држави, која на публиката ќе ѝ понуди богато и инспиративно фестивалско искуство. Од Литванија ни доаѓа сензорна претстава наменета за најмладата публика, од Романија пристигнува сценска интерпретација на легендарната приказна за Дракула. Претставата од Црна Гора на креативен и топол начин зборува за тоа како да се соочиме со тремата. Во програмата е вклучена и куклена претстава со автентична баскиска музика, како и емотивна приказна за „изумрените предмети“ на нашите родители. Театарот од Турција ќе им помогне на децата да ги препознаат и разберат своите чувства, додека словенечките гости ќе нè потсетат на безвременската вредност на другарството – информира директорот на фестивалот Филип Етмишовски.
Најдобрата претстава ќе го добие фестивалското гран-при за најдобра претстава во целина, кое ќе го додели тричлено стручно жири, оваа година предводено од хрватскиот актер и режисер Ивица Шимиќ. Тој е основач на хрватскиот театар „Мала сцена“ од Загреб и поранешен генерален секретар на „Аситеј“ (Assitej) – светската организација на детски театри. Заедно со Шимиќ за наградата ќе одлучуваат македонските театарски првенци: Ана Левајковиќ-Бошков, која минатата година одбележа 30 години на сцената на Театарот за деца и младинци во Скопје, и Петар Горко, кој во 2024 година одбележа 35 години кариера на сцената на Битолскиот театар.
Фестивалската завеса ќе се спушти на 7 август, со новата премиера на театарот „Бабец“ – „Мајка (Magna Mater)“. Во придружната програма на 4 август е училиштето за театар „Од игра до претстава“ од Скопје.
„Битолино“ и во ова фестивалско издание, покрај претставите, нуди и едукативна програма. Професорката Јованка Улиќ од Нови Сад, Србија, три дена заедно со децата ќе подготвува јапонски претстави Камишибаи. Најмалите битолчани ќе ги цртаат и пишуваат своите претстави, кои ќе бидат изведени пред доделувањето на фестивалското гран-при.
Јубилејното издание ќе понуди врвна уметничка програма за децата и ќе отвори важни теми за најмладите, со што „Битолино“ ја потврдува својата позиција како еден од најзначајните фестивали за детски театар во регионот. Ф.Д.
































