Илустрација креирана со ВИ

Летен клуб „Тропикана“Летен клуб „Тропикана“

Калин беше на голема мака. Кире постојано ѝ го одвлекуваше вниманието на убавата Јана. Не вредеше ни тоа што татко му му купи дрес од Победа, ни тоа што ѝ раскажа како мачорот Тане успеа да ја спаси баба Наде од суперглушецот Сивчо, ниту приказната за селото со дедо Цане и лошата лисица Лина. Кире умееше да реди со топка на нога. Кога Јана броеше, изброи повеќе од СТО! Умееше да се јази по гранките на дрвјата во паркот пред зградата. Успеа да фати една од црните мачки, иако Калин претходно се договори со неа дека ќе мора да бега со сета сила. Ниту еден обид на Калин не вредеше. Тој не беше вешт во игрите со топка, ниту умееше да се јази по гранките на дрвјата, како Кире. Сепак, тој е едно обично дете, кое неодамна заврши трето одделение. Мачорот Тане забележуваше дека неговиот пријател Калин е нерасположен со денови, па, така, доби една идеја. Кога идејата беше реализирана, посака да го израдува своето другарче и се оптегна до него на креветот.
– Не грижи се, пријателче! Јас смислив сè – му дошепна Тане на Калин, насетувајќи го неговото разведрување.
– Што си смислил? Кажувај, Тане!
– Што велиш да направиме летен клуб „Тропикана“? – предложи Тане. – Оној Кире сигурно не може да смисли такво нешто! – победнички рече Тане.
– Ама како? – на Калин не му беше јасно. Како ќе направат летен клуб и зошто да го наречат „Тропикана“?
– Веќе му реков на тато Бране, а тој се согласи. Сигурно подготвил сè – итро се смешкаше Тане.
– Што си му рекол?! – засрамено извика Калин и рипна од својот кревет. Зарем неговиот татко ќе дознае дека тој е заљубен во Јана? Малку му беше натпреварот со Кире, па сега ќе треба да слуша како неговите постојано го задеваат за Јана.
– Не е тоа што мислиш, будалче. – Тане како да му ги прочита мислите на својот пријател, па се обидуваше да го смири. – Дојди по мене и ќе видиш! – Тане излезе низ вратата, а момчето тргна по него. Заедно излегоа на терасата од станот, а таа навистина личеше на прекрасен летен клуб. На ѕидот беше закачена бела хартија, на која со шарени букви беше запишано „Летен клуб ТРОПИКАНА“. Тато Бране го поставил базенот на Калин и го наполнил со вода до врв. Внатре пливаа шарените пластични риби и неколку гумени патчиња. Се сетил и ги наместил трите малечки столчиња на терасата, едното беше во црвена, а двете во сина боја. Пред столчињата стоеше малечка портокалова масичка, а врз неа имаше три чаши, полни до врв со цеден сок од лубеница. Ставил и чадор за заштита од сонце, со сина боја, прошаран со морски ѕвезди и коњчиња.

– Тато, па ова е закон! Ти си закон! – Калин безмерно се израдува и цврсто го прегрна татка си. – Одам да ја викнам мојата другарка! – Калин не чекаше ни минута. Истрча по скалите до првиот кат и заѕвони на ѕвончето од станот на Јана. Пред него излезе нејзината мајка, Жаклина.
– Тетко Жане, јас имам летен клуб на терасата. Се вика „Тропикана“. Има базен, има сокче! Би било супер ако ѝ дозволите на Јана да дојде за да се разладиме. Секако дека и вие сте поканета – се насмевна Калин.
Тетка Жане не можеше да ја одбие оваа покана. Му кажа дека веднаш ќе дојдат во неговиот летен клуб „Тропикана“, само најпрво Јана да си облече костим за капење. Калин среќно истрча по скалите. Ги облече гаќичките за капење со неговиот омилен суперхерој и чекаше да заѕвони ѕвончето. Намерно не го викна Кире. Не сакаше и овој негов обид за да ја освои Јана да се уништи. Штом го слушна ѕвончето, веднаш истрча и ги пречека Јана и тетка Жане. Јана и Калин се капеа во базенот на терасата дури мама Маја и тетка Жане пиеја кафе во дневната соба. Јана го има најубавиот костим за капење, си мислеше Калин, розов со слика од еднорог. Зарем може да биде поубав? Калин немаше веќе сомнежи. Благодарение на клубот „Тропикана“ сигурно го освои срцето на Јана. И дури тие наздравуваа со цедениот сок од лубеница, вратата на станот се отвори и низ неа влегоа мајсторот Димо, тато Бране и Кире. Кире не се ни поздрави со мама Маја и тетка Жане. Веднаш истрча на терасата.

– Значи ова е нашиот летен клуб! – радосно извика и скокна во базенот.
– Наш?! – си помисли Калин. – Па, ова е мојот летен клуб „Тропикана“.
– Погледнете колку долго можам да ја држам главата под вода! – се пофали Кире и нурна со главата под вода.
Јана броеше и изброи до десет. Штом Кире се исправи, Јана восхитено ракоплескаше. Ах, овој Кире, колку би било поубаво кога би се вратил во својот дом, си мислеше Калин.

(oд необјавената збирка раскази за деца „Летен клуб Тропикана“)