ОДРЖАНО РЕДОВНО СОБРАНИЕ НА МОК

Претседателот на МОК, Даниел Димевски, му врачи златна плакета на МОК на олимпискиот великан, борачот Шабан Сејдиу
Македонскиот олимписки комитет (МОК) го одржа своето редовно собрание, на кое на почетокот претседателот на МОК, Даниел Димевски, му врачи златна плакета на МОК на Шабан Сејдиу, олимписки великан, носител на два бронзени медала и учесник на четири летни олимписки игри (ЛОИ). Димевски даде информација за новите партнери на МОК, а тоа се „Лимак холдинг“ и шпанскиот производител на спортска опрема „Јома“, кои ќе ги поддржат најдобрите македонски спортисти што ќе учествуваат на Европските игри (ЕИ) во Краков годинава, Зимските младински олимписки игри (ЗМОИ) во Гангвон 2024, како и Летните олимписки игри (ЛОИ) во Париз 2024 година.
На собранието меѓу другото беше промовирана новата веб-страница на МОК и беше презентиран извештај за проектот на МОК „Златен денар за златен медал на македонските спортисти“ – се наведува во соопштението на МОК.
Имајќи предвид дека следното собрание е изборно, беа избрани и членови на изборната кандидациска комисија на МОК. А како нов член на Собранието на МОК, врз основа на замена, беше избрана фудбалската легенда на македонскиот спорт Кочо Димитровски, исто така како нов член на МОК е примена и Македонската федерација за дигање тегови, која е член и на Меѓународната федерација за дигање тегови – се наведува меѓу другото во соопштението од МОК. Г.И.