Објавен романот „Пред да пукне“ од Лидмила Кабртова

Издавачката куќа „Славика либрис“ ја објави книгата „Пред да пукне“ од чешката авторка Лидмила Кабртова, а во превод на Донка Роус.
Романот составен од приказни е хроника за разминувањата шо се одвиваат во текот на седумдесет години. Книгата во концентрирана форма проучува како навидум сосема неважни одлуки на некои луѓе влијаат врз животите на другите луѓе и како сосема незначајна случка може да погоди некого, за кого не можеме ни да претпоставиме. Секој од главните ликови раскажува од сопствена перспектива и секој од нив се труди да ја најде смислата на сопствениот живот.
Лидмила Кабртова (1971) дипломирала новинарство на Факултетот на социјални науки при Карловиот универзитет во Прага, а потоа дипломирала и на групата маркетинг-комуникација на Универзитетот на Томаш Бата во Злин. Неколку години работела како новинарка, потоа се насочила на областа односи со јавноста, каде што работи повеќе од дваесет години. Авторка е на радиодрамата за деца „Сивко“, за чие сценарио добила награда од Чешкото радио, а напишала и неколку драми во рамките на проектот на чешкото радио В’лтава. Првото книжевно дело претставува експериментална проза со наслов „Кого ќе го испијат лисиците“, кое е објавено во 2013 г. Во 2018 година ја објавила збирката раскази „Места во темнината“, за која ја добила главната награда од фондацијата „Чешки книжевен фонд“.