Првата самостојна изложба на Филип Мартиновски, насловена „Соништа“, ќе биде отворена вечерва, во 20 часот, во Галеријата на МКЦ.
Филип Мартиновски (Скопје, 2003) е студент во прва година на Факултетот за ликовни уметности, во класата за ликовна педагогија. Матурирал со проектна задача на темата „Соништа“, а најголемиот дел од делата на оваа изложба е сочинет во завршната година од средношколското образование.
Со свое дело дебитантски учествувал на колективната изложба посветена на односот „сликарство-поезија“ во рамките на првото издание на „Скопскиот поетски фестивал“ во 2021 година, како и на хуманитарна изложба во 2023 година, а и двете први претставувања во јавноста на овој млад ликовен автор се во Младинскиот културен центар, каде што деновиве се поставува и неговата прва самостојна изложба.
Изложбата ќе трае до 25 мај.
– Во што се крие квалитетот на Филип? Токму во тоа, во оригиналноста! Со тоа добивме човек, автор што ќе твори од личен аспект на гледање и ќе го отсликува себството. Необичната приказна за сликарството на Филип Мартиновски се фокусира врз обработка на пунктови што ги објаснуваат феноменолошките случувања во неговиот живот, хронолошки сублимирани во пиктурално алиби за личен авторски идентитет. Се надевам, чувствувам, а и имам некаква лична сигурност, дека овој текст, кој е прв напишан во однос на сликарството на Филип, по многу години, во едно сосема друго време на естетика и квалитативно вреднување, ќе ги оправда моите пласирани зборови, а Филип Мартиновски ќе биде сè уште свој на своето. Ако веќе морам критички да ги оквалификувам делата, би напишал: Боите се јаки, „тврди“, ограничени со контури на ликови што имаат тенденциозен поглед кон нивниот творец, кој ја доживува интерактивно својата рожба, додека ние како публика сме сведоци на таа комуникација – пишува Горјан Ѓорѓиев за изложбата.