Во полуфиналето, Кина славеше над Шпанија, а Узбекистан ја совлада Индија. Актуелниот олимписки првак Узбекистан досега нема светска титула, а Кина има две (2015 и 2017 година)

ШАХ – ЕКИПЕН МУНДИЈАЛ ЗА МАЖИ

Репрезентациите на Кина и на Узбекистан ќе играат во финалето на екипното Светско првенство (СП) во шах за мажи во Ерусалим (Израел), а за бронзата Индија и Шпанија. Во полуфиналните средби, по голема борба и возбудливи партии, Кина ја победи Шпанија, откако резултатот по одиграните два меча беше 2-2 и 3-1, а младиот тим на Узбекистан, на ова СП осморангиран, славеше над Индија, благодарение на вториот дуел со 2,5-1,5, додека во првиот беше нерешено 2-2. СП се игра со темпо од 45 минути плус 10 секунди по секој потег, почнувајќи од првиот, по играч. Актуелниот олимписки првак Узбекистан досега нема светска титула, а Кина има две (2015 и 2017 година).
– Имаме намера да го освоиме златото, исто како што тоа го направивме на Шаховската олимпијада годинава – рече првата табла на Узбекистан на ова СП, Нодирбек Јакубоев.
Узбекистан, кој игра во голем стил и постигнува забележителни резултати претходниве години, има и едно сребро и од Шаховската олимпијада во Манила во 1992 година, на ова СП настапува без актуелниот светски првак во брз шах, Нодирбек Абдусаторов (2.713, 32-от во светот, 22 год., ВМ станал на 14 год.). Од ШО годинава во Ченаи (вкупно пет шахисти), на ова СП играат четворица (а вкупно шест), и тоа: Јакубоев (2.667 рејтинг-поени во класичен шах, 20 години, 75-ти во светот, ВМ станал на 17 год.), Јавохир Синдаров (2.654, 93-ти во светот, 17 год., ВМ станал на 14 год.), Јахонгир Вахидов (2.607, 195-ти, 27 год., ВМ станал на 14 год.) и Шамсидин Вохидов (2.568, 323-ти, 18 год., ВМ станал на 18 год.). Во составот на СП се уште и Абдумалик Абдисалимов (2.452, 20 год., ВМ станал на 17 год.) и ИМ Ортик Нигматов (2.433, 18 год.). ВМ Рустам Касимџанов (2.676, рангиран втор во Узбекистан) во 2004 година стана светски првак (ФИДЕ). Г.И.