КАРАТЕ – РЕПРЕЗЕНТАЦИЈАТА Е ПОДГОТВЕНА ЗА НОВИОТ ПРЕДИЗВИК, ЕП 2026
- Подготовките на репрезентацијата се одвиваат според прецизно утврден план, со тренинг-кампови во Хрватска и во Катланово, каде што формата се темпира до најситни детали, велат од КФМ
Македонската карате-репрезентација е подготвена за нов меѓународен предизвик, а целта е јасна – освојување медали и достојно претставување на државата на меѓународната сцена, пишува на официјалната интернет-страница на Карате федерацијата на Македонија (КФМ). Македонија на претстојното Европско првенство (ЕП) во Франкфурт (Германија) во мај, ќе настапи со внимателно селектиран состав, кој во овој момент го претставува најдоброто што го има државата во сениорска конкуренција. Така, во машка конкуренција ќе настапат: Недим Шакири (категорија до 60 кг, КК Ринија), Матеј Белистојаноски (до 67 кг, КК Олимпик спорт), Љупче Михајлов (до 75 кг, КК Штип), Реџеп Рушити (до 84 кг, КК Куштрими) и Стефан Стојановиќ (над 84 кг, КК Макпетрол). Дополнително, за екипниот настап се приклучуваат и Филип Стојанов (КК Кизаме) и Мурсел Мисини (КК Башкими). Во женска конкуренција боите на Македонија ќе ги претставуваат Ива Пецевска (до 50 кг), Михаела Мишовска (до 55 кг) и Вероника Костовска (до 61 кг), сите од КК Олимпик, Ера Коџа (до 68 кг, КК Дибра) и Ердона Зибери (над 68 кг, Фати). Овие пет натпреварувачки ќе настапат и во екипна конкуренција, а составот за кати го сочинуваат Владанка Аврамова, Данка Стојкова и Сара Трпковска од КК Сансaи Метал Апостолов и Фунакоши Гичин, информираат од КФМ.
Стручниот штаб е предводен од селекторот во кати Стојан Андриевски, селекторот во борби Александар Кузмановски со неговиот помошник-тренер Петар Белистојаноски, физиотерапевтот Стефан Ефремов, како и делегатот и шеф на делегацијата на Македонија, Бесник Мурати. За регуларноста на натпреварите ќе се грижат и судиите Раде Стефановски, Јетмира Дервиши и Валентина Пурдеска.
– Подготовките на репрезентацијата се одвиваат според прецизно утврден план, со тренинг-кампови во Хрватска и во Катланово, каде што формата се темпира до најситни детали. Во стручниот тим владее оптимизам дека натпреварувачите ќе го достигнат својот врв токму во вистинскиот момент. Очекувањата од овој состав се високи, сите репрезентативци влегуваат максимално мотивирани и подготвени, со јасна цел: напад на медали и достојно претставување на Македонија на меѓународната сцена. Со срце, дисциплина и борбен дух – напред кон нови европски успеси – пишува КФМ. Г.И.

































