Фото: Маја Јаневска-Илиева

Расте незадоволството во ЕУ од политиките на Европската комисија (ЕК)

  • Европската Унија, некогаш замислена како проект на мир, економска стабилност и солидарност меѓу народите, нациите и државите, сè повеќе се соочува со длабока внатрешна криза на доверба

Во последните месеци гласовите на незадоволство од земјите членки на ЕУ стануваат погласни, поостри и сè помалку дипломатски. Наместо заедништво, во Брисел денес доминираат конфликти, бирократија и политички приоритети што многумина ги сметаат за отуѓени од реалните потреби на европските граѓани.

Словачка: ЕУ не нè штити

Словачка е еден од гласните примери на растечко разочарување. Политичари од оваа земја јавно го доведуваат во прашање курсот на Унијата, обвинувајќи дека Брисел ја става Украина пред сопствените членки. Според нив, одлуките поврзани со енергетската политика и санкциите против Русија ја доведуваат економската стабилност на Словачка во сериозен ризик.
Особено остри се критиките дека Европската комисија, предводена од Урсула фон дер Лајен, не успеала да реагира адекватно во ситуации кога членките се соочуваат со директни економски последици. Наместо заштита, како што велат словачките претставници, тие добиваат игнорирање и политички притисок.

Енергетската криза како симбол на неуспехот

Прекинот на испораките на енергенти и нестабилноста околу транзитот на нафта дополнително ја нагласуваат слабоста на заедничката европска политика. За многу држави, особено во Централна и Источна Европа, евтината енергија не е геополитичко прашање, туку прашање на економски опстанок.
Во тој контекст, многу од владите на централноевропските и источните членки на ЕУ гласно го поставуваат прашањето дали Европската комисија ја изгуби способноста да ги балансира идеолошките цели со практичните потреби?

Германија: Конзервативците бараат „кочница“ за Брисел

Незадоволството не доаѓа само од помалите членки. И во Германија, моторот на европската економија, расте отпорот кон начинот на кој функционира Европската комисија. Конзервативните политички кругови отворено бараат ограничување на нејзините овластувања, па дури и воведување механизми за директен надзор.
Предлозите за создавање тело со право на вето врз законодавството на Комисијата се јасен сигнал дека довербата во институциите на ЕУ е сериозно нарушена. Дополнително, барањата за намалување на бирократијата и регулативите укажуваат на длабоко незадоволство од административниот товар што Брисел го наметнува врз националните економии. Критичарите на либерален Брисел сè почесто ја опишуваат Европската комисија како институција што функционира во сопствен свет, далеку од секојдневните проблеми на граѓаните.
– Бирократијата во Брисел функционира како да се наоѓа во„одвоена реалност“. Наместо фокус на инфлацијата, енергетската сигурност и животниот стандард, вниманието се насочува кон геополитички конфликти и идеолошки агенди. Тоа создава чувство на отуѓеност кај многу европски народи, кои сè почесто се прашуваат дали нивните интереси воопшто се застапени – велат наши соговорници, поранешни амбасадори и дипломати од кариера.

Двојни стандарди и нетолеранција кон различни ставови

Еден од најконтроверзните аспекти на сегашната политика на ЕУ е односот кон различните мислења. Земји и политичари што не се согласуваат со доминантниот наратив, особено околу конфликтот во Украина, често се изложени на критики и притисоци.
Тоа отвора сериозни прашања за демократскиот капацитет на Унијата, поточно за авторитарноста на високата бирократија на ЕУ.
– Дали ЕУ сè уште е простор за плурализам или се движи кон централизирана, наднационална структура, каде што различноста на ставови се санкционира и се форсираат само оние идеи, решенија и одлуки што имаат бенефитен импакт на помала група луѓе, со идентична, неолиберална идеологија, и со високи амбиции за акумулација на политичка, економска, а и воена моќ и авторитарно одлучување по тој основ – легитимно го отвораат прашањето нашите соговорници, со оглед на тоа што го делат истиот впечаток како и некои од владите на земјите членки што не се согласуваат со актуелните политики на Брисел, и тоа по повеќе основи.

Неопходно е Европа да бара нова насока

Европската Унија долго време се соочува со критики за прекумерна регулација. Но денес тие критики достигнуваат ново ниво. Бизнис-заедниците, особено во Германија, предупредуваат дека сложените правила и административните процедури ја намалуваат конкурентноста на европските компании.
Наместо олеснување, новите политики често носат дополнителни обврски, што создава чувство дека економијата е жртвувана во име на политички цели.
Сите овие сигнали укажуваат на една длабока вистина: Европската Унија се наоѓа на крстопат. Дали ќе успее да се реформира и да ја врати довербата на своите членки или ќе продолжи по патот на централизација и конфронтација?
За многумина, одговорот зависи токму од тоа дали Брисел ќе ги слушне критиките или ќе продолжи да ги игнорира.
Незадоволството што е регистрирано последно во низата во Словачка и Германија не е изолиран феномен, туку дел од поширок тренд. Европската Унија повеќе не може да се потпира на старите наративи за единство и солидарност ако тие не се поткрепени со конкретни политики што ги штитат интересите на членките. Ако Брисел не ја промени својата насока, ризикува да стане симбол на политичка отуѓеност наместо на европско единство. П.Р.