ЕП 2024 ЗА КАДЕТИ И ЗА ЈУНИОРИ

Подготвени сме, очекувам добри настапи од кадетите и се надевам барем на еден медал, вели селекторот на кадетите Дејан Ристески
Македонската карате-репрезентација вчера отпатува за Тбилиси (Грузија), каде што од петок до недела ќе се одржи Европското првенство (ЕП) за кадети, јуниори и за постари јуниори (до 21 година) во борби и во кати. Македонската експедиција ќе настапи на татамите со вкупно 28 натпреварувачи, а ќе ја предводат селекторите Дејан Ристески (кадети), Берат Јакупи (јуниори) и Арлинд Хусеини (постари јуниори, до 21 година), сите во борби, а во кати Неџби Дервиши и Фери Исиќ. На ЕП 2024 конкуренцијата ќе биде исклучително квалитетна, а пријавени се 1.160 натпреварувачи од 49 држави.
– Подготвени сме, очекувам добри настапи од кадетите и се надевам барем на еден медал. Јован Врклевски е најискусен во оваа конкуренција во борби и доколку има малку среќа при ждрепката, може да стигне до медал. Тој во истата тежинска категорија (до 52 кг) е рангиран на 15-то место на светската ранг-листа, а освои и второ место на светската младинска лига пред неколку месеци во Пореч. Во Тбилиси, в петок, први ќе настапат кадетите и каташите – ни изјави селекторот Ристески.
Македонската репрезентација реализира три заеднички подготовки за ова ЕП, и тоа првите во салата на КК Олимпик, а следните две беа во ОУ „Гоце Делчев“ во скопската населба Лисиче.
Македонските каратисти се носители на повеќе медали во оваа конкуренција во минатото. На ланското ЕП во Ларнака (Кипар), меѓу 1.136 каратисти од 41 држава, бронзени медали освоија постарите јуниори во борби Витомир Трајковски (категорија до 84 кг) и Стефан Стојановиќ (над 84 кг). На ЕП 2022, пак, во Прага (Чешка), бронзен медал освои јуниорот Љупчо Михајлов (до 68 кг)… Г.И.