ИЗБОР НА НАЈДОБРИТЕ ЗА 2023 ГОДИНА
Во конкуренција за наградите на светската спортска академија „Лауреус“, за најдобри во минатата година, се спортисти и спортистки од пет спорта, и тоа тенис, фудбал, атлетика, скијање и Формула 1. Во машка конкуренција на листата се тенисерот Новак Ѓоковиќ (Србија), атлетичарите Мондо Дуплантис (Шведска) и Ноа Лајлс (САД), фудбалерите Ерлинг Холанд (Норвешка) и Лионел Меси (Аргентина), како и тркачот во Формула 1, Макс Ферстапен (Холандија). Кандидатки за наградата „лауреус“ се фудбалерката Аитана Бонмати (Шпанија), атлетичарките Шерика Џексон (Јамајка), Фејт Кипјегон (Кенија) и Ша’Кари Ричардсон (САД), скијачката Микаела Шифрин (САД) и тенисерката Ига Швјонтек (Полска). Предвидени се награди во вкупно осум категории. Доделувањето на наградите ќе се одржи во Мадрид на 22 април, новинарите и радиодифузерите ги избраа номинираните, а светската спортска академија „Лауреус“, во која се неколку спортски легенди, ќе гласа за победниците, пишува „Би-би-си“. Н.М.