Марија од Монтереј

Во февруари 1994 година, десетчлена македонска експедиција се искачуваше на Аконкагва. Тие беа: Здравко Стојков (машински инженер, Скопје), Петар Митров (економист кибернетичар, Скопје), Борче Јовчевски (металостругар, Велес), Владимир Петковски (професор, Економски факултет, Скопје), Никола Стојанов (судија, Скопје), Константин Циривири (апсолвент на медицина, Скопје), Аце Стаменковски (трговец, Струмица), Владимир Трпковски (студент на машинство, Скопје), Лео Урбанц (апсолвент на медицина, Скопје), Васко Георгиевски (службеник, Велес). Петмина стигнаа на врвот. Толку дозволи планината. Таа секогаш го има последниот збор

Аконкагва, љубов моја (2) (Мементо по повод 30-годишнината од искачувањето на Аконкагва, највисокиот врв на Андите)

(Владимир, ќе се молам за тебе и за нашиот компањон, ти да се искачиш, а тој да преживее)

Под заеднички наднаслов „Аконкагва, љубов моја“, во две продoлженија, вчера и денеска, ви го пренесуваме сеќавањето на проф. Владимир Петковски за искачувањето на Аконкагва, највисокиот врв на Андите. Настанот што се случи пред точно 30 години засекогаш е врежан во сеќавањето на учесниците, а професорот Петковски ни ги отстапи за објавување овие два исечока од спомените на овој несекојдневен потфат

Таа вечер, додека лежев стуткан како фетус во тунелскиот шатор во третиот висински логор, ни заспан ни буден, измачуван од разредениот воздух, ме прогонуваше помислата на Марија. Ја запознав три дена претходно. Бевме соседи во базниот логор, Plaza de Mulas (Стојалиште на мазгите). Стравував да не ја изневерам. Ме имаше замолено да понесам амајлија – пластично шишенце со неколку таблети – и да го оставам под алуминиумскиот крст на врвот. Бев свесен дека лесно можам да се најдам во ситуација да не можам да го исполнам аманетот.
Марија беше верник, посветена католичка. Преку амајлијата сакаше да се помоли за оздравување на член на нивната експедиција. Добил белодробна емболија. Разредениот воздух може да убие, ако заболениот брзо не се транспортира назад. Белите дробови и мозокот (мозочна едема), поради недостиг од кислород, наместо со крв, се полнат со течност во која се разградува крвта и заболениот умира. Го евакуирале со хеликоптер во Мендоза, на лекување. Целата мексиканска експедиција, поради овој случај, го имаше напуштено натамошното искачување и се врати во базниот логор.
Знаев дека не можам да ја одбијам, но јасно ѝ реков дека нема никаква сигурност дека ќе успеам да се искачам на врвот.
– Марија, што ако не успеам! Не можам да ти дадам такво ветување – се обидов да ѝ објаснам.
– Владимир, знам дека ќе успееш. Претчувствувам дека ќе се искачиш на врвот и дека безбедно ќе се вратиш назад, кај твоите, во Македонија.
Само неколку часа ме делеа од полноќ. Бев подготвен. Пред легнување имав испиено две тенџерчиња супа, а имав подготвено и два термоса со чај, еден да испијам веднаш пред тргнување, а вториот да го понесам со себе. Опасноста од дехидрација во високите предели е голема. Дента, до врвот на 6.960 метри надморска височина, требаше да совладам висинска разлика од околу 1.000 метри. Високогорските планинари и алпинисти знаат дека супата е волшебен напиток. Те одржува во живот. Метаболизмот на големи височини е сведен речиси на нула.
– Ќе се молам за тебе и за нашиот компањон, ти да се искачиш, а тој да преживее – ми рече Марија подавајќи ми го шишенцето.
Го зедов шишенцето од нејзините раце, со помешани чувства. Си упативме поглед, кој од моја страна значеше ветување, но всушност означуваше доверба, раѓање пријателство и симпатија меѓу двајца луѓе што планината ненадејно ги зближила. Во тие мигови не ни можев да претпоставам дека истовремено тоа беше и поглед на збогување, за навек. Не ја видов повеќе Марија.

Што ако ми се случи да заборавам на ветеното! На врвот, човек лесно подлегнува на еуфорија. На големи височини, човековиот мозок работи ограничено. Колку за половина човек. Недостигот од кислород предизвикува зашеметеност и халуцинации. Се губи ориентација за простор и време. Од претходните искачувања на Мон Блан и на Килиманџаро знаев дека разредениот воздух ја разредува и способноста за рационално размислување и постапување. Од тоа се плашев.
Второто стравување што го имав вечерта беше, ако на врвот се затекнам сам. Не ќе можам да го овековечам моментот со фотографија, на која ќе се гледам, заедно со крстот. Лежејќи во вреќата за спиење, почнав да си правам стратегија на самофотографирање. Си мислев, ако клекнам на земја со крстот поставен пред мене, држејќи го фотоапаратот со испружени раце, можеби сепак нешто ќе излезе. Во тие мигови од „селфи-изумот“ ме делеа петнаесетина години.
Сепак, за импровизирано „селфи“ се погрижи среќата. На врвот затекнав планинар. Штотуку се подготвуваше за враќање. Беше Чилеанец, соло-искачувач, како што самиот ми кажа. Обајцата бевме задишани од напорот. Си тргнавме во пресрет. Не бев сигурен кој повеќе се тетерави поради разредениот воздух. Се прегрнавме. Добро ни дојде. Останеме во, колку-толку, стабилна вертикала, пред да нè издадат нозете.
– Еј, другар, ти со мојата среќа. Ќе има кој да ме фотографира, овде на врвот – на Ла Кумбре – ми рече Чилеанецот, не пропуштајќи зборот „врв“ да го изговори и на шпански.
– Кој си, од каде си? Да знам, да кажам, кога ќе ме прашаат за фотографијата?
Обајцата се чувствувавме премалени, но среќни. На врвот од јазикот ми беше да му речам:
– Не, компањеро, ти си мојата среќа.
Фотографија од врвот може да го направи човек исто толку екстатичен колку и самото искачување.

Неколку месеци подоцна, писмо од Марија во Пекинг

Откако завршивме со фотографирањето, во потсвеста ми се јави глас. Шишенцето! Бев среќен што ќе можам да го исполнам ветувањето.
Пребарав под камењата кај што е поставен крстот. Брзо ја најдов металната кутија во која е сместен еден тефтер, со логото на националниот предел Аконкагва. Листовите на тефтерот се перфорирани вертикално, по средината. На двата дела од секој лист има испечатено хоризонтални линии на кои се внесуваат личните податоци на планинарот. Националната администрација на Аргентина, преку канцеларијата во Мендоза, има изнајдено ефикасен начин на евиденција (всушност, самоевиденција) на тие што се искачиле на врвот на Андите. Планинарот ги пополнува двата дела на листот со име и презиме и земјата, плус, датумот на пристигнувањето на врвот. На перфорираното место го кине едниот дел од листот и си го носи дома, за спомен. Вториот дел си останува во тефтерот. Секоја година, на крајот на сезоната на искачување, ренџери од планинарската служба на Мендоза го симнуваат тефтерот, долу, во градот. Така, имаат прецизна евиденција за сите искачувања во таа година.
Неколку месеци подоцна, истата, 1994 година, откако веќе бев пристигнал во Пекинг, добив писмо од Монтереј, Мексико.
„Драг Владимир, нашиот компањон е жив и здрав. Сосема закрепна. Размислуваме повторно да отидеме во Аргентина, на Аконкагва. Овој пат, ќе направиме уште подобра аклиматизација на Попокатепетл, дома“, ми пишуваше Марија.
„Дојди во Мексико! Ќе се качуваме заедно. Ќе ми биде мило да бидам со освојувачот на Аконкагва покрај себе“, не пропушташе да внесе лична нота, обоена духовито.
„Знаеш, Попокатепетл се гледа од секоја точка во Сиудад де Мехико. Сепак не е шега – 5.600 метри височина!“.
Драгата Марија од Монтереј! Марија од базниот логор, Плаца де Мулас!
Ѝ одговорив со подолго писмо. Среде динамиката и високите барања на дипломатската работа во Пекинг, Марија ми ги врати бескрајните пространства на Андите и Аконкагва. Ми го врати сеќавањето на „ноќта на преживување“ во третиот висински логор, на пријателството што се раѓа и кали на планините во сурови околности, на убавото чувство на приврзаност и симпатија што си ги дозволивме, препуштајќи се на посебноста на моментот. Ме потсети на стравувањата и надежта во кои ја поминав ноќта, сам во шаторот, пред да го започнам речиси осумчасовното искачување кон врвот, непосредно по полноќ.

Владимир Петковски

(Крај)