Краткометражниот игран филм „Врзани“, режисерско деби на македонската актерка Сара Климоска, е дел од селекцијата на престижниот „Јуропеан шорт пич програм“, чија финална фаза се одржува во периодот 26-29 февруари во Рен, Франција. Од 2007 година, дел од оваа програма биле стотина филма од краток формат што потоа остваруваат значајни успеси и премиерни прикажувања низ најголемите светски фестивали, како Кан, Берлинале, Локарно, Санденс итн.
Од илјадници апликации секоја година, „Јуропеан шорт пич“ издвојува вкупно 12 проекти од исто толку европски земји. Програмата има цел да ги развие, вмрежи во копродукции и дистрибуција, како и да ги промовира филмските остварувања при понатамошниот тек на реализација. Како продуценти на „Врзани“ се јавуваат Вардан Тозија и продукциската куќа „Унита филм“.