По овие први, ќе следуваат и еднодневни подготовки в недела во Скопје и тридневни во Дојран, од 19 до 21 октомври, вели селекторот на постарите јуниори Кузмановски
КАРАТЕ
Македонската карате-репрезентација во борби и во кати за кадети, јуниори и за постари јуниори (до 21 година), во машка и во женска конкуренција, го одржаа првиот еднодневен подготвителен тренинг во Скопје, во пресрет на Светското првенство (СП) во Коња (Турција), од 26 до 30 октомври. Тренингот го одржаа селекторите во борби Дејан Ристески (кадети), Берат Јакупи (јуниори), Александар Кузмановски (постари јуниори) и селекторите во кати Неџби Дервиши (кадети), Ивана Аврамова (јуниори) и Стојан Андриевски (постари јуниори).
– На првиот тренинг се појавија 30 натпреварувачи од сите клубови од Македонија, кои, патем, се оптимистички расположени и веруваат во позитивен резултат, односно освојување еден од медалите на претстојното СП, а на кое првпат ќе се оди во полн состав во сите категории. Притоа претседателот на Карате-федерацијата на Македонија (КФМ), Петар Белистојаноски, нѐ запозна дека на ИО на КФМ е донесена одлука репрезентативците што ќе настапат да бидат финансиски целосно поддржани за патувањето и сместувањето на ова СП – вели Кузмановски.
До заминувањето на СП се предвидени нови заеднички подготовки.
– Директорот на македонската репрезентација, Арлинд Хусеини, нѐ информира дека се предвидени и други подготовки до заминувањето во Турција. По овие први, ќе следуваат и втори еднодневни подготовки в недела во Скопје и тридневни во Дојран, кои ќе се одржат од 19 до 21 октомври. Покрај подготовките, обезбедена е и спортска опрема за репрезентативците сѐ со цел да се оствари што подобар пласман на претстојното кадетско-јуниорско СП – рече Кузмановски. Г.И.