Фото: Игор Бансколиев

Тиаго Силва – 47-от фудбалер со 100 меча во ЛШ

Точно 47 фудбалери одиграле барем 100 натпревари во Лигата на шампионите (ЛШ), а најнов на листата е дефанзивецот на Челси, Тиаго Силва, кој јубилејот го имаше на средбата на неговиот тим во 4. коло со Милан. Првите 20 меча на Бразилецот беа за Милан.
Силва е вториот играч што достигна 100 меча во Лигата на шампионите сезонава, откако Аргентинецот Анхел ди Марија од Јувентус го стори тоа во второто коло.
Најмногу настапи во Лигата на шампионите има Португалецот Кристијано Роналдо, 183 (играјќи за Манчестер јунајтед 59, Реал Мадрид 101 и за Јувентус 23), а потоа на листата се Шпанецот Икер Касиљас со 177 (Реал Мадрид 150, Порто 27), Аргентинецот Лионел Меси со 159 (Барселона 149, Пари сен Жермен 10), Шпанецот Чави Ернандез 151 (Барселона) итн.
Шпанецот Раул Гонзалес стана првиот фудбалер што забележа 100 настапи во Лигата на шампионите, на 22 февруари 2006 година, во дресот на Реал Мадрид. Точно 26 фудбалери имаат над 100 настапи во најсилното европско клупско натпреварување за еден клуб, а рекордот го држи Чави, со 151 натпревар за Барселона.


Манчестер сити и Реал Мадрид први стигнаа до осминафиналето

Манчестер сити и Реал Мадрид станаа првите тимови што се пласираа во осминафиналето на фудбалската Лига на шампионите, по четири одиграни кола во групите Е, Ф, Г и Х. Засега најизрамнета е групата Е, во која Салцбург го продолжи својот старт без пораз, а Челси забележа нова победа на дуелите со Милан, по што Челси води со седум бода, еден повеќе од Салцбург, а по три од Милан и од Динамо Загреб. Во групата Ф, Реал Мадрид со ремито со Шахтер се пласира меѓу 16-те најдобри, а за второто место за пласман во осминафиналето ќе се тркаат Лајпциг со шест, Шахтер со пет и Селтик со еден бод.
Манчестер сити го одигра само второто реми без голови во групната фаза на ЛШ, на гости кај Копенхаген, а без голови завршија последните четири домашни натпревари на Копенхаген во групната фаза на Лигата на шампионите, пишува УЕФА на својата интернет-страница. Англискиот првак се пласира во осминафиналето, до кое од групата Г најблиску е Борусија Дортмунд, со седум бода, а по два имаат Севилја и Копенхаген. Во групата Х, Пари сен Жермен и Бенфика ремизираа и останаа израмнети на водечките позиции, со по осум бода, а Макаби Хаифа и Јувентус имаат по три. Макаби Хаифа го победи Јувентус со 2-0 и првпат победи во натпревар од групата во Лигата на шампионите откако го победи Манчестер јунајтед, со 3-0, во октомври 2002 година, пишува УЕФА.


Скијачките скокови сезонава со неколку новитети

Светскиот куп (СК) во скијачки скокови ќе се врати во САД, ќе се зголеми паричната награда, ќе има нови правила за бодување, ќе има скијачки летови за жени, првпат ќе има натпревари со доскок на пластична подлога, пишува Интернационалната скијачка федерација (ФИС) на својата интернет-страница. Во САД повторно ќе има натпревар во СК, во Лејк Плесид, каде што претходен пат натпревар во СК се одржа во 1990 година, а последен пат САД беа домаќин во 2004 година, во Парк Сити. Во Лејк Плесид се одржаа зимски олимписки игри во 1932 и во 1980 година. ФИС ги зголеми паричните награди за 10 отсто во СК, на 79.000 франци за најдобрите во поединечен натпревар за мажи, и на 28.120 во поединечно женско натпреварување, пишува ФИС. Скијачките скокови без правилото за ветер и за залетувалиштето станаа незамисливи, па промената на условите на ветерот за време на натпревар може да се компензира со додавање или со одземање поени. Факторот за компензација за ветер во грбот (лош за спортистот) сега е приспособен. ФИС објави дека првпат сезонава ќе има ревијален натпревар, во Викерсунд (ридски рекорд од 253,5 м) во скијачки летови за жени.
Сезоната во СК треба да почне во Висла (Полска) на 5 ноември, порано од кога било досега. Поради раниот датум ќе има премиера, слетување на пластична подлога наместо на снег (залетувалиштето ќе биде од мраз), како за летни натпревари, и затоа нема да биде потребно да се произведува вештачки снег на релативно високи температури, пишува ФИС. „Ова може да изгледа необично за некого, но тоа е првиот чекор кон одржлива иднина на ски-скоковите, доколку е потребно, можно е да има СК во скијачки скокови без вештачки снег, одржливоста е повеќе од само збор, а покрај тоа, слетувањето на пластична подлога е побезбедно отколку на снег што се произведува на високи температури“, пишува ФИС.


Роналдо го постигна јубилејниот 700-ти гол 20 години по првиот

Кристијано Роналдо го постигна својот 700-ти клупски гол, во победата на Манчестер јунајтед со 2-1 на гости кај Евертон во англиската фудбалска Премиер-лига, а јубилејот пристигна 20 години и два дена по неговиот прв клупски гол за Спортинг, пишува „Скај спорт“. Според статистиката, 450 од тие голови тој ги постигна за Реал Мадрид, 144 за Манчестер јунајтед, 101 за Јувентус и пет за Спортинг. Шест сезони во низа тој постигнуваше над 50 гола по сезона (рекордна е 2014/2015 со 61 погодок). Роналдо на домашен терен постигна 390 гола, 289 на гости и 21 на неутрален терен, од нив 98 погодока се со удари надвор од шеснаесетникот, 460 со десната нога, 125 со левата, 113 со глава…, пишува „Скај спорт“.