Фото: Игор Бансколиев

Ниту претседателот на државата, ниту, пак, премиерот во своите обраќања по повод 11 Октомври не кажаа против кого се кренало народното востание, свесно избегнувајќи да споменат дека Македонија во 1941 година се најде под бугарската окупаторска чизма и дека теророт на бугарската фашистичка управа остави неизбришливи траги кај Македонците и кај потомците на депортираните Евреи, кои фашистичките бугарски сили ги собраа од Македонија и ги испратија во логорите на смртта во Треблинка. За жал, ова не е првпат, случајно или намерно, да се забораваат и изоставуваат клучни историски факти или да се прават обиди за преиначување на историјата. Историчарите и аналитичарите се категорични во ставот дека ако го отфрлиме антифашизмот, ние немаме држава. Нашите основи се антифашизмот и АСНОМ. Единственото место каде што Македонците се обединија беше АСНОМ, тврдат нашите соговорници

ШТО ПРОПУШТИ ДА КАЖЕ ДРЖАВНИОТ ВРВ ПО ПОВОД ОДБЕЛЕЖУВАЊЕТО НА 11 ОКТОМВРИ, А ШТО НЕ СМЕЕ ДА СЕ ЗАБОРАВИ

Годинешните свечености по повод 11 Октомври, Денот на народното востание, годинава се одржаа под мотото „Секогаш на вистинската страна“, но од обраќањата на првите луѓе во државата, јавноста во земјава не доби претстава која е вистинската страна на која се нашла Македонија за време на Народноослободителната борба.
Имено, ниту претседателот на државата, ниту, пак, премиерот во своите обраќања по повод 11 Октомври не кажаа против кого се кренало народното востание, свесно избегнувајќи да споменат дека Македонија во 1941 година се најде под бугарската окупаторска чизма и дека теророт на бугарската фашистичка управа во земјава остави неизбришливи траги кај Македонците и кај потомците на депортираните Евреи, кои фашистичките бугарски власти ги собраа од Македонија и ги испратија во логорите на смртта во Треблинка.
Случајно или не, токму на завчерашната прослава од познатата македонска партизанска песна „А, бре, Македонче“, која со огромен пиетет химнично се изведуваше на сите поранешни прослави по повод Денот на народното востание, мистериозно прекуноќ исчезна стихот „нека разберат клетите фашисти“ и доби нова верзија, овој пат „нека разберат, клетите душмани“.
За жал, ова не е првпат, случајно или намерно, да се забораваат или изоставуваат клучни историски факти, да се прават обиди за преиначување на историјата, па дури и да се интервенира во музички дела и македонски песни.

Така, фашистите станаа душмани, Делчев, Груев Гули и Сандански ги снема од македонската химна, зборовите „бугарски фашистички окупатор“ почна да ги снемува од спомен-обележјата секаде низ државата, а бистите на борците од НОВ во предвечерието на 11 Октомври беа осквернавени. Во меѓувреме, низ целата земја почнуваат да никнуваат бугарски културни клубови со имиња на соработници на фашистичкиот режим.
Сето ова предупредува на опасноста дека во Македонија е започнат процес на целосно редефинирање на историјата, преку кој Бугарија се обидува да ја прикаже Македонија како фашистички соработник, со единствена цел, таа да се испере од оваа темна епизода на сопствената историја. Веројатно за таа цел е и отворањето клубови со имиња на докажани фашисти, за да може пред светот да се покаже дека наводно Македонија е таа што ги велича фашистите, дозволувајќи отворање на такви клубови.
Најтрагично од сè е што македонски политичари и државни органи, само заради некаква неизвесна европска иднина и да не им се налути источниот сосед, сето тоа го аминуваат и прашање на време е кога овој голем ден во македонската антифашистичка историја ќе го загуби приматот на најголем државен празник само за некој да ѝ угоди на Софија.
Затоа клучното прашање што деновиве си го поставува секој граѓанин во оваа држава е дали Македонија со негирањето на сопствената антифашистичка борба е на вистинската страна, како што гласи годинашниот празничен слоган, или, пак, овој пат сме ја погрешиле страната.
– Тоа говори дека почнува процес на бришење на фашистичкиот бугарски окупатор. Штом политиката почне да го прави тоа, а кај нас политичари влегоа и во тоа Советодавно тело за образовни програми, тогаш е јасна крајната цел. Работата оди на заборавање, на промена на колективната меморија. Овие содржини сега ќе се исфрлат и од учебниците, а кога на децата тоа веќе нема да им се предава, ќе се заборави – вели историчарот Тодор Чепреганов.
Според него, Бугарија всушност сака да ја омаловажи нашата борба против нацифашизмот, да покаже дека тоа не било антифашистичка борба, туку било братоубиствена борба, се бореле Бугари против Бугари и дека разликата била само идеолошка.

– Ако децата ги воспитуваме дека Бугарите биле администратори и ослободители, а не нацифашисти, тогаш тоа ќе се заборави во иднина. Евреите затоа ги прават тие чествувања на холокаустот секоја година, за да го одржуваат сеќавањето за тоа што се случило за да не се заборави и да не се повтори. Ние го правиме спротивното, да се повтори тоа што се случило со тоа што ќе отфрлиме сè што значело историја на овој народ. Па, ако го отфрлиме антифашизмот, ние немаме држава. Нашите основи се антифашизмот и АСНОМ. Единственото место каде што Македонците се обединија беше АСНОМ – истакнува Чепреганов.
Тој додава дека со неспомнувањето на бугарскиот фашистички окупатор, всушност се разводнува идентитетот на македонскиот народ.
– Се оди кон губење на идентитетските обележја на еден народ. Наместо Владата да биде таа што ќе ги зацврстува тој идентитет и државноста на еден народ, таа тоа ги разводнува. Македонците немаат чувство за држава и за нација. Тоа ни е основниот проблем. Вината е кај нас, особено кај нашата сервилна влада, која не знае да удри на маса и да ѝ каже на Европа доста е, престанете. Европа, ако сака, може да пресече, но неа ја интересира само како тука да нема отворени прашања. Не ја интересира ништо друго. Зад целата оваа работа што ни се случува стои Европа. Не може таа да молчи на обидите да се исфрли нацифашизмот било од спомениците, било од историјата. Тоа говори дека почнува поширок процес на бришење на фашистичкиот бугарски окупатор – потенцира Чепреганов.
Негово мислење е дека Бугарија всушност сака преку Македонија да ја испере својата црна фашистичка епизода од историјата и да ја обвини земјава дека таа всушност била соработник на фашистите, а Бугарите влегле само да ја ослободат.
Слично размислува и историчарката Соња Николова, која вели дека водечките политичари од власта во оваа држава мораат да покажат поголем пиетет кон настаните од нашата историја.

– Ова не е Вардарска Бановина, ова не е Егејска Македонија од времето на Метаксис, ова не е Пиринска Македонија на цар Борис, па ние да мораме така да се однесуваме во сопствената држава и да премолчуваме. Тука сме ние разочарани. Постои и дури една клима кај луѓето, една пасивизација, што е погубно чувство. Пасивизација или апатичност затоа што гледаме премиер како излегува на телевизија и кажува дека ние сме избришале бугарски окупатор, небаре се снима скриена камера. Тоа е крајно неодговорно – вели Николова.
Таа додава дека без зачувување на постулатите на АСНОМ, Македонија повеќе нема да постои како држава.
– Асномска Македонија е столбот на оваа држава и оваа власт сега тој столб го уништи. Ако столбот го уништите, од куќата ќе останат само урнатини. Така е и денес. Не смееше да се чепне во Уставот и во темелот на оваа држава. Овој темел е граден со крвта на 25 илјади Македонци, настрадаа и 7.144 Евреи. Иако ја базираме оваа држава на крвта на тие жртви, оваа Македонија имаше среќна приказна бидејќи за првпат беше национално признаена. Ние мораме тој темел, тој АСНОМ не само да биде врежан кај нас, туку од колено на колено да го пренесуваме тој идеал, бидејќи ако го нема тоа, ќе ни ја нема и државата. Ние ќе бидеме некоја пластелинска маса, која секој лесно ќе ја моделира и ќе ја обликува како што сака. Ама никогаш нема да биде за наш интерес, туку ќе биде за туѓ – заклучува Николова.