Фото: Игор Бансколиев

Единаесетти октомври, Денот на македонското востание и на Народноослободителната борба, беше одбележан низ целиот свет, секаде каде што има Македонци, со јасни пораки за значењето на празникот, антифашистичката борба на македонскиот народ, НОБ и револуцијата, кои се втемелени во државноста и во она што денес се нарекува независна и суверена Македонија

Единаесетти октомври се чествува како државен празник во Македонија, но во суштина тој е семакедoнска појава што го поплочи патот кон Првото заседание на АСНОМ на 2 август 1944 година, кога беше консолидирана македонската нација. Следствено на тоа празникот беше поздравен од голем број македонски општествени и политички организации, како и од истакнати македонски активисти, од соседните држави и македонската дијаспора низ светот.

Кон честитките се придружија и македонското друштво „Илинден“ – Тирана, ОМО „Илинден“ – Пирин, македонското здружение „Кочо Рацин“ од Србија, македонската партија Виножито, Македонскиот национален совет (МНС) за Швајцарија, Обединетата македонска дијаспора (ОМД), како и македонските активисти од целиот свет.
Во објавата на македонското друштво „Илинден“ – Тирана, по повод одбележувањето на 11 Октомври, се изразува голема почит кон загинатите борци, народни херои и дејци и кон сите што ги дале своите животи во НОБ и револуцијата, сите што се втемелија во државноста и во она што се нарекува независна и суверена Македонија, давајќи го најдрагото, својот живот. Во честитката од ова македонско друштво се вели: „Во името на македонското друштво ’Илинден’ – Тирана ви го честитаме 11 Октомври – Денот на востанието на македонскиот народ против фашистичкиот окупатор“.

– Денеска треба да се потсетиме и да им оддадеме достојна почит на оние што се бореа за слободата, потврдувајќи ја нивната пожртвуваност и патриотизам.
До сите Македонци каде и да се на Земјината топка порачуваме да ја сакаме и почитуваме како светост нашата татковина Македонија – стои во честитката на друштвото „Илинден“ – Тирана.
Празникот го честитаа ОМО „Илинден“ – Пирин и македонското здружение „Кочо Рацин“ од Србија, кои го истакнаа значењето на 11 Октомври како Ден на востанието на македонскиот народ, а Павлос Воскопулос од Виножито ја нагласи антифашистичката борба и испрати поздрави до сите Македонци. Кон честитките се придружи и Гонца Перунковска од Македонскиот национален совет (МНС) за Швајцарија со зборовите „Колку страдања на рамена си збрала, колку жртви ти за слобода си дала. Честит празник! Вечна да си Македонијо“.
По повод 11 Октомври честитка објави и Зоран Чосески, почесен македонски конзул во Австралија. Во неговата поздравна објава се вели дека како резултат на успешното востание на македонскиот народ, кој јасно застана на страната на западните сојузници, точно на ден Илинден, 2 август 1944, во манастирот „Св. Прохор Пчињски“ се оформи современата македонска држава.
– Вечна благодарност кон македонските партизани за тоа што го постигнаа во Втората светска војна. Денес мора да бидеме што повеќе национално изградени и постојано претпазливи како народ бидејќи почнаа да се појавуваат разни емисари со слатки пароли, и тоа со единствена цел да нѐ избришат нас како Македонци и да ја препишат историјата спротивно на онаа историја што е запишана во западната воена историја – се вели во објавата на Чосески.
Обединетата македонска дијаспора (ОМД) го честиташе празникот со зборовите дека секоја генерација има своја борба!

– Оваа борба ќе биде запаметена засекогаш, оставајќи ни нам ништо помалку од аманет да ја чуваме и браниме нашата Македонија! Обединети, можеме! Наместо со оружје, со памет, наместо со физички пресметки, да победиме интелектуално – се вели во објавата на ОМД по повод празникот.
Гоце Панговски, долгогодишен македонски активист во Соединетите Американски Држави, го поздрави одбележувањето на 11 Октомври и потсети на говорот на македонскиот политичар Крсте Црвенковски. Во споменатиот говор се вели дека една од основните карактеристики на борбата на македонскиот народ од 1941-45 година е тоа што уште во 1941 година востанието отпочна, неповрзано во сите три распарчени дела на Македонија.
– Према тоа, ако сакаме да правиме една објективна историска оценка тогај мора да кажеме, дека некои досегашни званични тврдења дека тука се дигнало востанието благодарејќи на повикот на КПЈ итн. звучат денеска многу еднострано. Мислам дека основниот’ фактор, основнио’ генератор на востанието на македонскио’ народ во сите три дела беше неговиот вечен порив во борба за слобода, вечен порив кон слободата… И можи да се кажи дека во тој момент, кај народо’ се возб… се роди онаа… повторно се роди онаа идеја на Гоце Делчев, дека само она е твое – што самиот ќе си го извојуваш. Ако чекаш друг да ти нешто реши – не може да биде ништо – се вели во говорот на Црвенковски, кој беше објавен од Гоце Панговски по повод празнувањето на 11 Октомври
Ана Дукоска, активистка што ги промовира македонската култура и историја во САД, кон својата честитка на празникот објави и една стихотворба со наслов „11 Октомври“ од 14-годишната Нектарија Илиевска.
– О, родино, мајко света, ти што скапоцен ѓердан од спомени нижеш, име по име, срце по срце, на храбрите синови твои, стихови китни милно им редиш. И денес, октомвриска песна ќе се зачуе, крилја ќе се кренат високо, слободата ќе нѐ преброи, колку сме, што сме и од кои сме! – можеме да прочитаме во спомената стихотворба на младата Илиевска. Д.Ст.