Томе Јосифовски и Дејан Мицкоски

Целта на одржувањето на овој семинар е детална обработка и имплементација на изменетите судиски правила, кои ќе почнат да се применуваат за олимпискиот циклус 2022-2024

ВИКЕНДОВ ВО ЛИСАБОН

Македонскиот џудо-судија Томе Јосифовски и џудо-тренерот Дејан Мицкоски активно учествуваа на семинарот на Европската џудо-унија за судии и за тренери, кој во саботата и неделата се одржа во главниот град на Португалија, Лисабон. На семинарот учествуваа околу 100 судии и тренери.
Мицкоски е лиценциран тренер од А-категорија, член на стручниот совет при Федерацијата и Дан-комисијата при Џудо-федерацијата на Македонија (ЏФМ), а Томе Јосифоски е интернационален судија од Б-категорија и актуелен претседател на Судиската комисија при ЏФМ. Учеството на двајцата македонски претставници дојде по многубројните средби и состаноци остварени меѓу највисоките челници на Џудо-федерацијата на Македонија и на Европската џудо-унија.
Целта на одржувањето на овој семинар е детална обработка и имплементација на изменетите судиски правила, кои ќе почнат да се применуваат за олимпискиот циклус 2022-2024.
Во кратката изјава за медиумите, претседателот на ЏФМ, Владимир Трпаноски, и генералниот секретар на ЏФМ, Миодраг Стојановиќ, од името на целата Џудо-федерација ја искажаа својата благодарност за несебичната поддршка што Европската џудо-унија ја дава за развој на македонското џудо, велат од ЏФМ.