На три кола до крајот, зад водечкиот Илиќ со 3,5 поени, се Стошевски и Кралевски со половина поен помалку

ШАХ – ПРВЕНСТВО НА СКОПЈЕ ЗА ВЕТЕРАНИ

Шест одлучени партии, четири ремија и борбена игра со многу возбудувања е епилогот на четвртото коло на второто Првенство на Скопје за шаховски ветерани „13 Ноември“, во одлична организација на шаховскиот клуб на ветерани Скопје 72, а во соработка со Националниот сојуз на слепи на Македонија.
Дотогаш водечкиот Илија Стошевски (1.989 рејтинг-поени), со бели фигури го претрпе првиот пораз на турнирот од ФИДЕ-мајсторот (ФМ) Љубомир Илиќ (2.094), а со тоа ја загуби и првата позиција, на која сега изби сам со 3,5 поени неговиот противник. Значаен поен за пробив кон врвот освои и вториот ФМ на турнирот, Александар Кралевски (2.068), во партијата со Зоран Велковски (1.434), што му овозможи да го стигне Стошевски на втората позиција со три поени. Прворангираниот на турнирот, Атанас Ташевски (2.128), и Жарко Селковски го поделија поенот, а ремизира и еден од аспирантите за висок пласман, Зоран Костадиновски, во партијата со Зоран Јовановски.
На три кола до крајот, зад водечкиот Илиќ со 3,5 поени, се Стошевски и Кралевски, кои имаат половина поен помалку. Со по 2,5 поени, потоа следуваат Трајковски, Костадиновски, Хаџи-Манев, Ташевски, Селковски и Цветковски. Сето ова само навестува дека борбениот дух кај шахистите ќе биде присутен до последното седмо коло. На првенството со темпо за размислување од 60 минути, плус 30 секунди по секој одигран потег почнувајќи од првиот, по играч, учествуваат 21 шахист, од кои тројца се со титулата ФМ. Г.И.